Нови концепции и доктрини за водење војни

Неодамнешните сајбер-напади врз фармацевтските компании, кои ја создадоа вакцината против коронавирусот, покажаа како сè може да стане цел на напад во сајбер-просторот. Во тој контекст, светските медиуми пишуваат дека армиите, но и најголемата воена организација НАТО во своите редови ќе треба да вклучат и вистински хакери за да се помогне во предвидување на тактиките на напаѓачите

Колку една армија е добро обучена да војува во случај на воен конфликт може да се препознае по тоа како нејзините војници ги увежбуваат воените маневри. Ова е честа констатација на безбедносните аналитичари кога ја оценуваат подготвеноста на една војска да ја заштити својата држава. Меѓутоа оваа мудрост можеби може да се примени и на сајбер-полето, односно на територијата на која сега војуваат модерните армии.
Магазинот „Форин полиси“, во своја анализа на тема поврзана со безбедноста и сајбер-просторот, пишува дека во изминативе неколку години НАТО редовно спроведува воени симулации за сајбер-војување внатре во Алијансата меѓу своите земјите-членки против имагинарен непријател. Иако со овие вежби се тестираат сите врски, мрежи и уреди во воениот пакт сѐ со намера да се открие нивната ранливост од евентуален сајбер-напад, сепак исходите од овие виртуелни игри се речиси сосема невозможни и спротивни по многу нешта во реалноста. Доколку НАТО сака да увиди како вистински изгледа сајбер-напад во еден хаотичен виртуелен свет со повеќе актери, тогаш воената организација ќе треба да вклучи и вистински хакери во своите воени симулации.

Војни без бомби и тенкови, само со компјутер и интернет

Ова, меѓу другото, го наведува медиумот во свој текст посветен на новите предизвици и безбедноста во модерниот свет на сајбер-просторот, по одржувањето на тринаесеттите годишни вежби за сајбер-војување на НАТО, кои минатиот месец се случија во Естонија. Во текстот посветен на безбедноста на интернет-просторот кај модерните армии, се наведува дека НАТО интензивно преку видеоигри симулира напад од замислена држава, како и одбрана од сајбер-напад врз инфраструктурата на една своја земја-членка. Токму во таа насока, Алијансата со години се обидува да ја искористи можноста да ги пренесе виртуелните вежби во реалноста за да ги тестира сите сајбер-капацитети на блокот за да ги открие нивните евентуални слабости.
– Скорашните откритија за хакирањето на американските министерства за финансии и трговија и на американската национална администрација за нуклеарна безбедност, која сè уште е во развој, покажуваат како сè може да стане цел на напад во сајбер-просторот, па дури и цивили и оружја за масовно уништување. Токму поради тоа НАТО се обиде да направи паралелен виртуелен свет со држави што ќе ги вклучат своите воени и безбедносни институции во веќе испробани стратегии во воените вежби. Иако резултатите од виртуелните увежбувања меѓу актерите во принцип се солидни, тие во исто време не можат вистински да се пресликаат на терен и да се употребат – пишува „Форин полиси“.
Според медиумот, тоа е така бидејќи Алијансата досега не вклучувала недржавни (надворешни) актери во своите годишни воени сајбер-вежби.

НАТО вложува во сајбер-одбраната

Во меѓувреме, неодамнешните напади на производствените капацитети на фармацевтските компании за производство на вакцина против коронавирусот покажуваат како неподготвеноста на сајбер-нападите може лошо да се одрази. Во тој контекст, според магазинот, армиите и владите треба во своите одбранбени сили да ги вклучат обичните хакери и да ја користат нивната неинституционална креативност во предвидувањето на напаѓачката тактика. Во исто време од суштинско значење е да се унапредат капацитетите на НАТО за следење, управување и водење на сајбер-војувањето, бидејќи овие симулации често водат до деескалација на конфликтите откако капацитетите им стануваат познати на вклучените страни и нивните можни противници. Затоа вклучувањето на хакерите во современите армии би ја поттикнала реалноста на вежбите и би се усовршиле воените вештини за одбрана од сајбер-напади во мрежите и на интернет-боиштата.