Светската јавност е загрижена од динамиката на хакирањата на глобално ниво, како и од целите што се на удар. Во тој контекст, загрижувачки се информациите дека хакерите пустошат сѐ пред себе, некогаш дури и удирајќи врз основните животни ресурси, како водата и храната. Како да му се застане на патот на изопачениот ум на сајбер-криминалот е прашањето што ги мачи сите

Глобалната сајбер-безбедност загрозена

Ако некогаш битките се биеја на копно и на вода, сега се вкрстуваат виртуелни копја на интернет. Оваа констатација е производ на неколкуте важни настани на ова поле што се случија изминатиов период низ сајбер-мрежата во светот. Имено, во период од само една седмица безбедноста на интернет-просторот беше сериозно нарушена во повеќе земји од Европа, но и во Америка. Еден од последните сериозни сајбер-напади се случи неделава во САД, каде што хакерска група ја пробила заштитата на компанија чиј софтвер го користат многу компании низ светот. Според пишувањата на новинските агенции, „вештите компјутерџии“, осомничени за големиот напад со посебен софтвер врз стотици компании во светот, побарале 70 милиони долари за им дозволат повторен пристап до податоците, се вели во пораката на таканаречениот „мрачен интернет“. Експертите за сајбер-безбедност цитирани во извештаите на американските вести на 4 јули за нападот на американската компанија, изјавија дека тој погодил илјадници компании во најмалку 17 земји низ светот кога бил извршен кон крајот на 2 јули. Тие рекоа дека сајбер-криминалците во неколку наврати барале откуп од 45.000 до 5 милиони долари за враќање на работите во нормала. Фред Вокола, извршен директор на „Касеја“, американска компанија чиј софтвер е нарушен, изјави дека повеќето се мали бизниси, како стоматолошки ординации, фирми за архитектура, хируршки центри и библиотеки, училишта, мали владини агенции, туристички и сметководствени агенции.
– Оваа група има сложена структура, со голем број соработници, што го отежнува откривањето на лицето што стои зад нападите – посочи Вокола.

Во меѓувреме, во период од само неколку дена по сајбер-нападот во САД, новинската агенција Ројтерс објави извештај во кој стои дека повеќе од три милиони луѓе во САД и десетици илјади луѓе во Канада и во Европа биле жртви на кражба на податоци од страна на хакери што го компромитирале системот на еден партнер на групацијата „Фолксваген“. Според новинската агенција, групацијата „Фолксваген“ го потврдила нападот во кој нивниот партнер во САД, кој собирал податоци за клиенти за маркетинг и продажба преку интернет, бил жртва на напад. Како што јави Ројтерс, по тој повод неодамна од системот на компанијата „исчезнале“ имиња, телефонски броеви, адреси за е-пошта и адреси на живеење, а во многу случаи и возачки дозволи, податоци за социјално осигурување и други безбедносни броеви за автомобили. Џеј Каплан од компанијата за безбедност „Синек“, во изјава за американските медиуми за последните случувања во светот, вели дека ситуацијата со сајбер-нападите за време на пандемијата е значително влошена. Според него, она што е навистина уникатно во оваа ситуација е дека напаѓачите, всушност, користат ранливи уреди што луѓето ги поставуваат во нивните домови низ целиот свет за лансирање на овие дистрибуирани напади.
– Овие уреди се толку распространети во милиони и милиони домаќинства и институции, а производителите не ги заклучуваат, што навистина ги прави лесни за напаѓачот да ги искористи предностите на овие слабости – објаснува Каплан, кој додава дека ваквите напади ќе се зголемуваат во иднина.

Паралелно со ова, британски „Гардијан“ неодамна објави дека повеќе граѓани од Британија, САД и од Европа биле жртви на нови хакерски напади. Според британската национална агенција за борба против криминал (НЦА), жртви на хакерите овој пат биле спортски ѕвезди, музичари и членови на нивните семејства, а криминалците успеале да влезат во нивните телефони или онлајн профили. Како што наведува медиумот, бандата на тој начин успеала да украде пари, биткоини и лични информации од познати личности и да ги хакира нивните профили на социјалните медиуми. Медиумот потсетува и на неодамнешните напади во Америка, Русија и Европа, каде што хакери удрија врз компјутерските центри во овие земји, при што беа нападнати и центри за прочистување вода и за преработка на месо, но и бази за чување доверливи банкарски информации.