СЗО, но и преостанатите анализи на други меѓународни здравствени институции предупредуваат дека високата вирулентност на делта-сојот со голема динамика се прошири меѓу населението во Европа, поради непочитувањето на мерките на фудбалските мечеви низ градовите на Стариот Континент

Загрижувачки констатации на меѓународните здравствени институции

Делта-варијантата на коронавирусот, која значително се прошири низ цела Европа во текот на летото, можно е многу побрзо да го затвори Стариот Континент повторно, иако се прогнозираше тоа да се случи некаде наесен. Со вакви процени деновиве излегоа повеќето од западните медиуми, кои повикувајќи се на извештаи на здравствените организации пишуваат дека состојбата со ширењето на мутираната инфекција би можело веќе од август повторно да ги врати рестрикциите и карантините назад во сила низ повеќе земји во Европа. Имено, како што пренесува британски „Гардијан“, Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека првпат, по два месеца, на европскиот континент е зголемена инфицираноста со коронавирусот за 10 отсто. Таа ситуација, која експертите засега не ја означуваат како алармантна, е резултат од последната недела од јуни и почетокот на јули, за време на одржување на Европското првенство во фудбал, кога низ Стариот Континент се бележеше голема раздвиженост на луѓе, навивачи од една во друга држава, од еден до друг европски град. Според епидемиолошките процени на кои се повикува СЗО, без разлика дали тоа некому му се допаѓа или не, но ЕП 2020, кое се играше во десет града на Европа, сега се јавува како закана за повторно затворање на континентот и во секој случај како „суперпроширувач“ на коронавирусот. Колку што досега е утврдено, речиси илјада навивачи, кои се вратиле од Лондон и од Санкт Петербург, биле позитивни на вирусот.
Во меѓувреме европските медиуми пишуваат дека ова само покажува дека градовите домаќини не презеле доволно заштитни, епидемиолошки и санитарни мерки за да се спречи ширење на епидемијата, во едни вакви околности како што е одржувањето на спортски настан со масовно собирање луѓе. Пред сѐ, околу одржувањето на физичкото дистанцирање, што инаку претходно беше сугерирано од здравствените експерти, уште пред да почне првенството. Дополнително „Јуроњуз“ на истава тема пишува дека и концертите, но и собирањата на отворено што се актуелни периодов во повеќе градови низ Европа, дополнително ја влошуваат епидемиолошката слика, бидејќи на овие собири главно не се почитуваат мерките од страна на присутните, кои се групираат без растојание и почитување на мерките.

Истовремено, како што јавува медиумот, проблем за брзото ширење на мутираната варијанта од вирусот е и фактот што голем број од населението низ Европа не е имунизирано докрај, односно ја нема примено втората доза од вакцината против коронавирусот. Сево ова, според „Јуроњуз“, навестува дека новиот бран на Стариот Континент би можел да дојде порано, односно дури и на почетокот од август. Д-р Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, вели дека случаите со ковид-19 сега во Европскиот Регион првпат растат во последните 10 недели, вклучувајќи и во некои земји од централна Азија.
– Минатата недела бројот на случаи се зголеми за 10 проценти, поттикнат од зголемено мешање, патувања, собири и олеснување на социјалните ограничувања – изјави Клуге на прес-конференција за медиумите. Тој додаде и дека делта-варијантата веќе ги надминува другите варијанти во регионот.
– До август, во Европскиот Регион, според СЗО, ќе биде доминантна делта-варијантата, иако до август регионот нема да биде целосно вакциниран. Околу 63 отсто од населението во Европа сè уште чекаат на втора доза од вакцината против коронавирусот – рече Клуге. Инаку, до крајот на август, околу 90 проценти од сите нови случаи на коронавирусот во ЕУ ќе бидат од делта-сојот. Ова беше објавено неодамна во заедничката изјава на Европската агенција за лекови и Европскиот центар за превенција и контрола на болести.
– Делта-варијантата е загрижувачка бидејќи таа брзо се шири низ цела Европа и може да стане сериозна пречка за напорите да се стави пандемијата под контрола – се вели во документот. Во него се наведува дека според достапните податоци, оваа варијанта на вирусот е 40-60 проценти позаразна од алфа- варијантата, а има и поголем ризик од хоспитализација и полесно пренесување на инфекцијата на отворено.