Францускиот претседател Емануел Макрон пристигна денеска во Вашингтон во тридневна официјална посета, а првпат домаќин во Белата куќа ќе му биде Доналд Трамп.

Макрон и неговата сопруга Брижит беа поздравени од воен оркестар, кој ги отсвире Марселезата и националната химна на САД, откако слегоа од авионот во базата „Ендрјус”, близу Вашингтон.

Макрон изјави дека со Трамп ќе разговараат за неколку билатерални прашања, вклучувајќи ги безбедноста и трговијата, како и темите кои се на светската агенда.

Иранскиот нуклеарен договор и конфликтот во Сирија се меѓу темите кои ќе бидат разгледани за време на посетата.

– Ова е многу важна посета, со оглед на актуелниот контекст, исполнет со толку многу несигурност, проблеми и понекогаш закани, рече при пристигнувањето Макрон.

Подоцна денеска, францускиот лидер и неговата сопруга ќе се сретнат со Трамп и американската прва дама Меланија на вечера во историската резиденција на Џорџ Вашингтон „Маунт Вернон”.