Француската влада го претстави својот пакет за поддршка од 15 милијарди евра за авиоиндустријата во земјата велејќи дека огромен број работни места се доведени во прашање поради големиот пад во побарувачката за авионски патувања.

– Севкупно, овој план предвидува повеќе од 15 милијарди евра помош, инвестиции, заеми и гаранции – се вели во соопштението.

Планот, претставен од членовите на владата, вклучително и министерот за економија, Бруно Ле Мер, вклучува инвестициски фонд со почетни 500 милиони евра, со цел да достигне 1 милијарда евра за зајакнување на развојот на средните доставувачи и 300 милиони евра друга помош за да им помогне на подизведувачите да ги модернизираат постројките.

– Ќе сториме сè за да ја поддржиме оваа француска индустрија, која е толку критична за нашиот суверенитет, нашите работни места и за нашата економија – рече Ле Мер.

Франција дополнително планира да инвестира 1,5 милијарда евра во текот на три години за поддршка на истражувањето за еколошка технологија за авијација, од кои 300 милиони евра ќе бидат распределени оваа година.

Покрај тоа што има огромно влијание врз животот и здравјето на луѓето, пандемијата на коронавирусот ѝ зададе голем удар на глобалната економија. Минатиот месец Франција реши да одобри 18 милијарди евра за да го спаси туризмот во земјата.