Отстранувањето на блокадите поставени на кружните текови и патиштата од страна на „жолтите елеци“ ќе продолжи, изјави францускиот министер за внатрешни работи, Кристоф Кастанер.

– Од почетокот на движењето има осум загинати. Дали знаете друг социјален конфликт во последниве триесет години во кој животот го загубија толку многу лица? Јас велам – Доста е!”, истакна Кастанер.

– Не можеме да продолжиме да ја парализираме француската економија, парализирајќи ја трговијата во нашите села, во нашите градови со блокирање на кружните текови, рече министерот.

Кастанер притоа додаде дека отстранувањата на блокадите ќе продолжат, истовремено повикувајќи на дијалог. Владата очекува излез од кризата со намалувањето на насилството, но се соочува со проблемот на блокирање на кружните текови.

Според проценката на здружението на трговските центри, минатата сабота посетеноста на центрите се намалила за 10 отсто во споредба со претходната година. Се оценува дека „жолтите елеци“ за само пет недели предизвикаа загуба од две милијарди евра.