Ексклузивно од Париз за „Нова Македонија“, Ирена Галабовска

Додека Богородичната црква беше во пламен, илјадници луѓе беа насобрани и со солзи во очите набљудуваа како гори симболот на готската култура, вели Ирена Галабовска, која за „Нова Македонија“ ги сподели нејзините впечатоци за трагичниот пожар, кој завчера се случи во Париз. 

Македонката која живее во главниот град на Франција истакна дека многумина парижани биле загрижени за културното богатство кое го поседува Богородичната црква, при опасноста од неговото уништување од пламенот.

– Многумина беа загрижени за артефактите и фреските кои засекогаш можат да бидат изгубени за човештвото. Некои од фреските и скулптурите се стари околу 700 години и датираат уште од самата изградба на катедралата – посочува Галабовска.

Тактиката на противпожарната служба придонела за извесен успех во гасењето на пожарот, според Галабовска.

– Од противпожарната служба велат дека имале тактика за гасење на пожарот, во што имале успех поради целосниот преглед на конструкцијата. При гасењето, тие се потрудиле да ја минимизираат штетата со тоа што дозволиле да изгори дрвениот покрив, со цел пламенот да не зафати други делови од катедралата – објаснува таа.

Дел од жителите на Париз се противат на идејата за реконструкција на катедралата, бидејќи според нив нема да станува за истата градба.

– Оние поскептичните велеа дека доколку не успеат да ја спасат катедралата, и таа биде урната од пожарот, не би сакале да има нејзина реконструкција, бидејќи нема да станува збор за истата градба. Со катедралата е поврзана многу голема историја и повеќе би претпочитале на нејзино место да никне друга градба – забележува Галабовска. В.Т.