Ρејтингот на воениот сојуз во Франција е намален од 71 на 49 проценти

Повеќе од половина од испитаниците во 16-те членки на Алијансата што биле опфатени со истражувањето на истражувачкиот центар „Пју“ изјавиле дека нивната земја не треба да застане во одбрана на сојузник од НАТО во случај на напад од Русија, во споредба со 38 отсто, кои сметаат дека нивната земја треба да го стори тоа

Популарноста на НАТО значително е намалена во Франција и во Германија во изминатите години. Резултатите од најновата анкета на истражувачкиот центар „Пју“ покажуваат дека Алијансата ужива најголем рејтинг во Полска, додека, пак, најмала поддршка има во Турција, каде што само 21 отсто од испитаниците имале позитивен став кон НАТО. Истовремено, повеќе од половина од испитаниците во 16 членки изјавиле дека нивната земја не треба да застане во одбрана на сојузник од НАТО во случај на напад од Русија, во споредба со 38 отсто, кои сметаат дека нивната земја треба да го стори тоа.

Анкетата покажува дека 57 отсто од Германците имаат позитивно мислење за Алијансата, што е за 20 проценти помалку во споредба резултатите од 2009 година. Во истиот период, рејтингот на воениот сојуз во Франција е намален од 71 на 49 проценти. Истовремено, само 34 отсто од Германците и 41 процент од Французите изјавиле дека не сакаат нивната земја воено да интервенира доколку друга членка на НАТО е нападната од Русија. Спротивно на тоа, дури 63 проценти од Германците и 57 отсто од Французите сметаат дека американските сили би требало бидат активирани во таква ситуација. Само во пет од 16-те земји опфатени со истражувањето – Холандија, САД, Канада, Британија и Литванија – половина или повеќе од половината испитаници изјавиле дека нивната земја треба да застане во одбрана на сојузник во случај на руски напад.

Резултатите од истражувањето исто така покажуваат голема разлика помеѓу Германија и Франција за тоа дали е поважен односот со САД или со Русија. Во Франција, 60 отсто од испитаниците ги претпочитаат САД, додека само 18 проценти ја избрале Русија. Истовремено, 39 отсто од Германците ги избрале САД пред Русија, за која се определите 25 проценти од анкетираните.

Интересно е тоа што помеѓу членките на НАТО, во Германија е регистрирано ниско ниво на поддршка за „употреба на воена сила за одржување на поредокот во светот“. Па, така, 47 проценти од Германците изјавиле дека тоа понекогаш е неопходно, што е значително помалку од Франција (64 отсто), Британија (71 отсто) и САД (78 отсто).

Иако можеби директно не е поврзано со НАТО или одбранбените теми, на испитаниците им било поставено и прашањето дали сметаат дека делови од соседните земји ѝ припаѓаат на нивната земја. Уделот на оние што се согласуваат со ваквото тврдење е највисок во земјите-членки од Централна и Источна Европа. Па, така, дури 67 отсто од испитаници во Унгарија сметаат дека делови од соседните земји ѝ припаѓаат на нивната земја, при што 40 проценти изјавиле дека целосно се согласуваат со таквото тврдење. На второ место е Грција, каде што 60 отсто од испитаниците го сметаат истото тоа, по што следува Турција (58 проценти). Во западноевропските земји чувствата се движат во спротивна насока – дури 82 отсто од испитаниците во Шведска не се согласуваат со тврдењето за територијални претензии кон соседите. По Шведска, следуваат Холандија (74 отсто), Британија (72 отсто), Германија (62 отсто), Шпанија (60 отсто) и Франција (59 отсто).