Насилни протести викендов беа регистрирани и на улиците во Белгија и во
Холандија, каде што демонстрантите го изразија своето незадоволство од
политиките на актуелните влади

Франција ја разгледува можноста за воведување вонредна состојба, за да се спречи повторување на едно од најголемите безредија во земјата во изминатата деценија. Ваквиот чекор на француската влада следува по најновиот бран насилни протести низ земјата во текот на викендот, при што само во Париз беа повредени над сто лица. Приврзаниците на движењето „Жолти елеци“ повторно протестираа против поскапувањето на цените на горивото, но протестите сѐ повеќе се претвораат во народен бунт против францускиот претседател Емануел Макрон.

Последен пат вонредна состојба беше воведена во 2015 година, по терористичките напади во Париз, пренесуваат светските медиуми.

Портпаролот на француската влада, Бенжамин Гриво, потврди дека се разгледува и опцијата за воведување вонредна состојба во земјата.

– Мораме да ги разгледаме сите мерки што ќе се преземат за да не се повторат овие инциденти. Претседателот, премиерот и министерот за внатрешни работи ќе ги разгледаат сите опции на состанокот – истакна Гриво.

Министерот за внатрешни работи, Кристоф Кастанер, порача дека за него не е табу-тема ниту воведувањето вонредна состојба, како што тоа го побараа два полициски синдикати.

– Ќе ги разгледаме сите процедури, за да се овозможиме подобра безбедност. Сѐ ќе биде разгледано, нема табу-теми – додаде Кастанер.

Најновиот биланс од насилството во Париз, кое во текот на викендот изби на протестите на движењето „Жолти елеци“, е 133 ранети лица, меѓу кои и 23 приправници на безбедносните сили. Полицијата уапсила 412 демонстранти, од кои на дури 378 им е одреден притвор. Судири помеѓу демонстрантите и полицијата се регистрирани во западниот дел и во централниот дел на француската престолнина, кои изгледаа како воено поле. Насилство е забележано и пред Триумфалната порта и на авенијата Елисејски Полиња, како и во споредните авении на оваа богата туристичка област на Париз. Демонстрантите палеле автомобили, а некои од нив ограбиле и продавници. Некои од француските медиуми јавија и дека учесниците на протестот во Париз украле автоматска пушка од полициско возило, а во центарот на градот се затворени поголем дел од продавниците, помеѓу кои и познатите стоковни куќи „Галери Лафајет“ и „Прентан“.

Претседателот Емануел Макрон од Буенос Аирес, каде што учествуваше на самитот на Г20, го осуди насилството и порача дека ќе одржи вонреден состанок со Владата по неговото враќање во земјата.

– Никогаш нема да го прифатам насилството. Одговорните за насилството посакуваат хаос. Ќе бидат идентификувани и на суд ќе одговараат за своите постапки. Секогаш ќе прифатам дека постои противење, но никогаш нема да прифатам насилство – порача Макрон, кој вчера требаше да се врати во земјата по завршувањето на самитот во Аргентина.

Истовремено, премиерот Едуар Филип го откажа патувањето во Полска, каде што требаше да учествува на годишната конференција на Обединетите нации за климата.
Движењето „Жолти елеци“ ги организира протестите низ Франција од 17 ноември поради најавеното зголемување на акцизата на горивото во состав на еколошките мерки на француската влада, но протестот се претвори во општ израз на гнев и незадоволство на граѓаните од политиката на претседателот Макрон. Францускиот претседател се соочува со рекордно низок рејтинг, а бранот насилни протести низ земјата дополнително му ја намалува поддршката кај граѓаните. Некои од учесниците во протестите ги обвинуваат Макрон и Владата дека воопшто не се заинтересирани за состојбата на обичните граѓани, туку се фокусирани само на потребите на елитата во Париз.


„Жолтите елеци“ пристигнаа и на улиците во Белгија и во Холандија

Насилни протести викендов беа регистрирани и на улиците во Белгија и во Холандија, каде што демонстрантите го изразија своето незадоволство од политиките на актуелните влади. Па, така, демонстрантите во Брисел со камења фрлале кон канцеларијата на премиерот Шарл Мишел, при што десетици луѓе се уапсени, а две полициски возила се уништени во текот на протестите. Протестите во белгиската престолнина почнале мирно, но станале насилни кога демонстрантите се обиделе да го пробијат полицискиот кордон.
Вирусот на протестите се прошири и во Холандија, каде што демонстрантите во Хаг се собраа пред зградата на парламентот да протестираат против политиката на Владата. Холандската полиција го затворила парламентарниот комплекс, откако пред него се собраа над сто учесници на протестите против високите цени на горивото, познати по носењето жолти елеци. Откако демонстрантите ги одбиле обидите на полицијата да ги премести во соседниот парк, полицијата го блокирала преминот кон парламентот. Според Асошиејтед прес, најмалку две лица се уапсени на протестите, додека, пак, еден лидер на демонстрантите е притворен во Мастрихт.