Франција денеска прифати пет деца на француски џихадисти од Сирија, сирачиња и на возраст околу пет години. Тие биле во кампови во североисточна Сирија.

– Овие деца се предмет на посебно медицинско и психолошко следење и им се предадени на судските власти, а роднините беа информирани за нивното враќање, се наведува во соопштението на француското Министерство за надворешни работи- јави дописникот на МИА.

Министерството им се заблагодарува на сириските демократски сили за нивната соработка, што го овозможија враќањето на децата.

Според францускиот министер за правда, Никол Белуде, мнозинството француски државјани. околу 150, што се наоѓаат во логорите во сирискиот Курдистан, се деца.

На 28 февруари, семејствата на децата кои се во Сирија поднесоа жалба до Комитетот за правата на детето на ОН за да ја принуди Франција да им понуди заштита на овие деца кои се дојдени со своите родители џихадисти или се родени таму.