Франција и Египет се последните во низата држави кои повикуваат на прекин на насилството меѓу Израел и палестинските милитанти во Газа.

Францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот египетски колега Абдул Фатах ал-Сиси изјавија дека „споделуваат длабока загриженост за тековната ескалација на насилството и жалат за бројните цивилни жртви“, се вели во соопштението на Елисејската палата.

Тие, исто така, се согласија да ги координираат напорите за посредување во брзиот прекин на огнот со официјални лица од Египет, Катар, САД и ООН кои работат на ставање крај на кризата.

Германската канцеларка Ангела Меркел во меѓувреме повика на што побрзо прекинување на насилството, разговарајќи со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Сепак, таа ја изрази солидарноста на Германија со Израел во конфликтот.

– Канцеларката уште еднаш остро го осуди продолжувањето на ракетните напади од Газа врз Израел и го увери премиерот во солидарноста на германската влада – рече нејзиниот портпарол Штефен Зајберт.

Во соопштението се додава дека, со оглед на цивилните жртви од обете страни, Меркел „изрази надеж дека борбите ќе завршат што е можно побрзо“.

Вечерните воздушни напади врз Газа беа меѓу најтешките до сега. Израелската армија тврди дека била насочена кон домовите на лидерите на Хамас. Оштетени се главните патишта и далноводите.

Министерството за здравство на Хамас соопшти дека 200 лица биле убиени во израелските напади за една недела. Во соопштението се додава дека меѓу загинатите има 59 деца и 35 жени, а повредени се 1.305 лица, пишува Би-Би-Си.

Израелската армија тврди дека убила повеќе од 130 милитанти во Газа. Десет лица, меѓу кои две деца и еден војник, биле убиени во Израел со ракети истрелани од милитанти во Газа истовремено.

Израел сè уште не ги заврши нападите врз Газа. Сите индикации се дека воените напади ќе продолжат уште некое време. Целта на Израел, велат официјалните лица, е да уништи што е можно повеќе инфраструктура на Хамас во догледно време, како и да убие што повеќе членови на Хамас.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен синоќа објави на Твитер дека „насилството мора веднаш да престане“. Но, американскиот претседател, Џо Бајден досега го поддржуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, велејќи дека Израел има право да се брани.

Како резултат на синоќешниот напад, дури 40.000 цивили биле принудени да ги напуштат своите домови, а ОН предупредуваат на влошување на хуманитарната состојба.