Австралискиот премиер Скот Морисон бара извинување од Кина

Австралискиот премиер Скот Морисон побара извинување од кинеската влада, како и бришење на објавата на Твитер на кинеското министерство за надворешни работи, во која е прикажана фотомонтажа од австралиски војник кој убива цивил во Авганистан, објавува „Гардијан“. Незадоволството поради твитот се заканува дополнително да ги влоши тензичните односи помеѓу двете држави, по неодамнешниот трговски спор.

Твитот објавен од портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Жао Лиџијан, уследи по извештајот за четиригодишната истрага за однесувањето на австралиските специјални сили во Авганистан. Во рамките на истрагата беа откриени информации во полза на потврдувањето на наводните убиства на 39-мина Авганистанци – затвореници, фармери и други цивили, од страна на 25-мина австралиски војници.

Жао напиша дека е „шокиран од убиствата врз авганистанските цивили и затвореници од страна на австралиските војници“ и побара одговорност. Објавата беше проследена и со фотографија на која е прикажан австралиски војник како го пресекува грклалот на цивил што држи овца, а на фотомонтажата се наведени и зборовите „Не се плаши, доаѓаме да ти донесеме мир!“. Пиркажано е и австралиското знаме кое навидум покрива други жртви.

  – Кинеската влада треба потполно да се засрами од објавата. Тоа го урива нејзиниот углед во очите на светот – кажа Морисон.

Главниот уредник на кинески „Глобал тајмс“, Ху Хиџин, смета дека Морисон нема право да чувствува гнев поради „употребата на карикатура“, наведувајќи дека барањата за извинување се „бесмислени и бесрамни“.

Пекинг во повеќе наврати се побуни против изјавите на австралиската влада во која се критикуваше состојбата со човековите права во Кина.