Во Париз денеска официјално беше формирана коалиција на европски армии, подготвена да реагира на кризи во близина на границите на континентот.

Иницијативата, предводена од Франција, нема да се натпреварува со НАТО, велат нејзините поддржувачи. Таа, исто така, донекаде ги одразува стравувањата од поизолациска американска политика на претседателот Доналд Трамп, пренесува БТА.

Групата беше формирана по преговорите со Берлин. Франција сака Германија да има водечка улога во новите сили. Францускиот претседател Емануел Макрон ја предложи идејата пред повеќе од една година, но таа беше скептично примена во ЕУ. Идејата беше лансирана во време кога беше најавен клучниот договор за одбрана на ЕУ, наменет за зголемување на заедничките воени инвестиции.

Во коалицијата предложена од Франција, се Германија, Белгија, Велика Британија, Данска, Естонија, Холандија, Шпанија и Португалија. Денеска, се приклучи и Финска. Целта е учесниците да соработуваат во планирањето, анализирањето на новите воени и хуманитарни кризи и во случај на воена реакција.

– Во ситуација кога геополитичките и климатските закани и потреси се зголемуваат, иницијативата треба да испрати пораката дека Европа е подготвена и Европа има можности, рече претставник на француското Министерство за одбрана.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера повика на формирање вистинска европска армија со цел намалување на зависноста од САД.