Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ги повика САД бргу да ја укинат забраната за влез во земјата за луѓе од Европа поради коронавирусот.

– Ние инсистираме слични правила да важат за пристигнувањата од двете насоки. Треба да го решиме ова прашање што е можно побргу, ние сме во контакт со нашите американски пријатели. Ова не смее да се одложи со недели – рече Фон дер Лејен објаснувајќи дека епидемиолошката слика во Европската Унија и САД сега е многу слична.

Европската Унија ги стави САД на листата на трети земји за кои ограничувањата не важат од јуни, но САД продолжуваат да применуваат забрана за влез за сите луѓе што патуваат од Европската Унија, со исклучок на американски државјани или други групи, како што се блиски роднини, дипломати и вработени во меѓународни организации.