фото: Фејсбук

Европската Унија сака Москва да ја намали тензијата што ја создаде со акумулацијата на војници на границата со Украина, а Брисел е подготвен да ги зајакне санкциите против Русија во случај таа да ја нападне оваа соседна земја, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен.

Во своето обраќање пред новинарите заедно со новиот германски канцелар Олаф Шолц, претседателката на комисијата изјави дека ЕУ сака добри односи со Русија, но дека тие зависат од тоа како ќе се однесува Москва.

„Сакаме деескалација и прекин на секоја агресија врз соседите на Русија. Во спротивно, Европската Унија ќе се обиде да ги зајакне своите санкции и да преземе други мерки во економскиот и финансискиот сектор, во договор со нашите партнери“, рече Фон дер Лаен.

Таа нагласи дека Брисел сака добри односи со Русија, но дека тоа зависи пред се од Москва, која, како што рече, зазема заканувачки однос кон соседите и со тоа ја поткопува безбедноста на Европа.

Претседателката на комисијата рече и дека руската агресија врз Украина ќе има своја цена, но не сакаше директно да каже дали таквиот потег на Москва ќе предизвика санкции од ЕУ против рускиот гасовод Северен тек 2.

„Како комисија на ЕУ, во јуни бевме задолжени од Европскиот совет да развиеме опции за Русија, а тоа го направивме сега. Секоја агресија мора да има цена, така што тие опции ќе и ги соопштиме на Русија, но нема да ги направиме во јавност“, рече Фон дер Лаен.

Таа нагласи и дека комисијата се води од важниот принцип дека енергијата не може да биде средство за притисок и дека европската енергетска безбедност мора да биде загарантирана.