Подморницата функционира во тајност, но трговијата функционира уште потајно. И двете генерираат безбедност – првата со одвраќање, а втората со меѓусебна зависност. Меѓутоа, видот на безбедност што го создава трговијата трае подолго, пишува за „Форин полиси“ експертот Кишоре Мабубани од Азискиот истражувачки институт при Универзитетот во Сингапур

НЕКОЛКУ СУШТИНСКИ РАЗЛИКИ НА ПРИОДИТЕ НА КИНА И НА САД КОН ИНДОПАЦИФИЧКИОТ РЕГИОН

Зделките за продажба на подморници лесно се откажуваат. Само прашајте ја Франција која годинава остана без долгогодишниот договор за снабдување на Австралија со борбени подморници. Од друга страна, економската меѓусебна зависност, произлезена од трговски зделки, многу потешко се растура. За ова прашајте го Трамп, кој не успеа да го раскине Северноамериканскиот договор за слободна трговија и мораше да се задоволи само со козметички промени во повторените преговори за оваа спогодба.
Токму овој контраст ја нагласува разликата помеѓу краткорочната „игра“ на Вашингтон на Индопацификот и онаа долгорочната, која ја практикува Пекинг. САД го ставаат влогот на договорот за безбедност АУКУС, кој го потпишаа со Австралија и Обединетото Кралство, а чија главна карактеристика е ветувањето дека на Австралија ќе ѝ бидат испорачани подморници. Кина, пак, влогот го става на трговијата, со која сака да ги придобие соседите, особено членките на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) – најуспешниот азиски сојуз.
Вашингтон е во право за една работа. Површно гледано, трите членки на АУКУС одржуваат силни врски и најчесто имаат исти гледишта и ставови. Од друга страна, АСЕАН изгледа како разнишана машинерија, која одвај се справува со непослушните членки, каква што е Мјанмар.
Наедно, сојузот се бори да генерира кохерентен регионален договор за растечкото ривалство помеѓу САД и Кина, не можејќи притоа да го контролира ловот во матно во водите на Јужно Кинеско Море. Но иако АСЕАН е премногу слаб да им ја наметне својата волја на сопствените членки (а камоли на други држави), оваа негова слабост е наедно и негова сила, која му дозволува на сојузот да гради доверба во регионот и пошироко.

Густите облаци на недоверба меѓу петте членки основачи на АСЕАН

Точно пред 50 години, во 1971 година, првпат присуствував на конференција на АСЕАН, како официјален претставник на Сингапур. Веднаш штом влегов во салата за конференции, ги помирисав густите облаци на недоверба меѓу петте членки основачи на сојузот. Две децении подоцна, кога присуствував на слична таква конференција на АСЕАН, како висок претставник на Сингапур, облаците на недоверба веќе беа исчезнати. Наместо нив, индонезиската култура на консултации и консензус го имаше „инфицирано“ АСЕАН. Малку по малку, оваа култура создаде геополитички чуда, некои толку скришни и вешто изведени, што малкумина надвор од регионот успеаја да ги забележат.
По завршувањето на Виетнамската војна, во чиј тек АСЕАН ги поддржуваше САД, непријателството и недовербата помеѓу Виетнам и АСЕАН беа многу очигледни. Но откако заврши Студената војна, АСЕАН го интегрира Виетнам во регионалната економија, помагајќи ѝ на оваа држава да изникне во уште едно источноазиско економско чудо. Најважната лекција што Виетнам ја научи од АСЕАН беше дека треба да се има трговска соработка дури и со сопствените противници, исто како што првобитните членки на АСЕАН ја надминаа меѓусебната недоверба преку заемна соработка. Па, оттука, додека трговијата помеѓу Индија и Пакистан во периодот 1991-2021 се зголеми само за трипати, трговијата помеѓу Виетнам и Кина – кои во 1979 водеа војна една против друга – порасна дури за 6.000 пати. Накратко, можеме да кажеме дека АСЕАН успеа во намерата да генерира мир и просперитет.
Уште еден голем чекор и пробив на АСЕАН беше создавањето поголем економски ангажман помеѓу Јапонија и Јужна Кореја. И покрај фактот дека и двете држави се американски сојузници, Вашингтон тешко ги убедува да разговараат меѓусебно.
Всушност, во текот на последниве години, помеѓу Сеул и Токио немаше ниту консултации ниту, пак, консензус. Сепак, и покрај ваквата ситуација, АСЕАН успеа да ги убеди двата источноазиски соседи да потпишат меѓусебен договор за слободна трговија (и со Кина, исто така). Имено, станува збор за Регионалното сеопфатно економско партнерство (РЦЕП), иницирано од страна на АСЕАН и потпишано во 2020 година од десетте членки на АСЕАН, Австралија, Нов Зеланд, Кина, Јапонија и Јужна Кореја. Секако, економската интеграција на моќната кинеска, јапонска и јужнокорејска економија ќе биде генератор на поголемиот дел од економскиот пораст на РЦЕП. А оној што го постигна ова речиси незабележано чудо беше токму АСЕАН.

Треба само да се забележат зборовите што најчесто се појавуваат во говорите
на американскиот претседател Џо Бајден

Еве еден едноставен зборовен тест што би требало да го спроведе Вашингтон. Треба само да се забележат зборовите што најчесто се појавуваат во говорите на американскиот претседател Џо Бајден, американскиот државен секретар Ентони Блинкен, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и советникот на Белата куќа за национална безбедност, Џејк Саливан (четворицата чувари на американската политиката во регионот на Индопацификот). Дали најчесто се спомнуваат АСЕАН и имињата на неговите земји-членки или, пак, тоа е Австралија?
Точниот одговор би бил Австралија. Наклоноста на Вашингтон кон Австралија е вистинска и реална, а неговиот интерес и грижа се искрени, што во голема мера ја објаснува логиката на договорот за безбедност АУКУС. Сепак, геополитиката е безмилосен бизнис, во кој емоциите создаваат конкурентска подреденост. Доколку Пекинг се фокусира на АСЕАН и РЦЕП, а Вашингтон на Австралија и АУКУС, победник ќе биде Пекинг.
Еве и зошто. Голема игра е онаа економската, а не воената. Во 2000 година, вкупната американска трговија со АСЕАН изнесуваше 135 милијарди долари, што е над трипати повеќе од кинеската, која изнесуваше само 40 милијарди долари. До 2020 година, кинеската трговска размена (685 милијарди долари) беше речиси двојно поголема од онаа на САД (362 милијарди долари). Вашингтон сè уште гледа на Јапонија како на голема економска суперсила. Додека во 2000 година јапонската економија беше осум пати поголема од онаа на АСЕАН, во 2020 година таа беше поголема за само 1,5 пат. Оттука, јасно е дека до 2030 година, јапонската економија ќе биде помала од онаа на АСЕАН.

Кинескиот ангажман со АСЕАН е длабок и детален

Во Индонезија, Лаос, Малезија и Тајланд, пругите за брзи возови ги гради токму Кина. Зачудувачки е што, и покрај очигледната недоверба помеѓу Ханој и Пекинг, Кина го гради и метрото во Ханој. Кога Југоисточна Азија бараше вакцини, кинеските вакцини стигнаа први. Индонезискиот претседател Јоко Видодо, клучен регионален лидер, беше вакциниран со кинеска вакцина. Не постои никаков сомнеж дека односите меѓу Кина и неколку од земјите-членки на АСЕАН се сложени и се соочени со голем број предизвици. И покрај сето тоа, воопшто не може да се негираат опсегот и длабочината на нивните кооперативни потфати.
Посилни ќе станат и економските врски, бидејќи приказната за чудесниот економски раст на АСЕАН штотуку почнува да се раскажува. Многу од регионалните економии се наоѓаат на пресвртница да станат среднокласни општества. На пример, 25 милиони Австралијци ѝ припаѓаат на средната класа. Еве го главниот индикатор: во 2020 година, дигиталната економија на АСЕАН беше во вредност од околу 170 милијарди долари. Со ова темпо, до 2030 година, вредноста би можела да достигне еден трилион долари. Оваа масовна експлозија на регионалната дигитална економија, за возврат ќе создаде нови мрежи на меѓусебна зависност, зајакнувајќи го притоа уште повеќе масовниот екосистем на брзорастечка меѓузависност во регионот.
Значи, во крајна линија, ова е стратегискиот избор со кој мора да се соочи Вашингтон: фокус на продажба на подморници за Австралија или преминување на Рубикон и потпишување договори за слободна трговија со Источна и Југоисточна Азија. А тука е и најголемото изненадување: во основа, Транспацифичкото партнерство беше резултат на талентираните преговарачи од Вашингтон, кои успеаја да креираат навистина висококвалитетен трговски договор. Откако во 2017 година САД се повлекоа од договорот, ревидираниот сеопфатен и прогресивен договор за транспацифичко партнерство го задржа урнекот на оригиналот.
Меѓутоа, САД не можат ни да сонуваат за можноста повторно да се приклучат. За разлика од нив, Кина веќе поднесе барање за влез.
Конечното прашање гласи: Може ли Вашингтон повторно да влезе во големата економска игра на Азија? Да, може, зашто сè уште има што да понуди. Иако Кина многу повеќе тргува со АСЕАН, приватните американски инвестиции во АСЕАН ги надминуваат кинеските. Во 2019 година, вкупната сума на директни странски инвестиции што во АСЕАН дојдоа од САД изнесуваше 318 милијарди долари, додека кинеските инвестиции достигнаа само до износ од 110 милијарди долари. Имајќи го предвид експлозивниот потенцијал за раст во овој регион, Вашингтон би требало да најде креативни начини за уште поголеми вложувања во АСЕАН, користејќи ги огромните резерви на добра волја кон САД, кои сè уште постојат во регионот.
Накратко – немојте да се фокусирате на продажба на подморници. Фокусирајте се на поттикнување на американските вложувања и трговската размена во Индопацификот. Тоа се вика економија, глупчовци.

Од анализата на Кишоре Мабубани за „Форин полиси“