Британската премиерка Тереза Меј денеска имаше конструктивни разговори со лидерот на опозициската Лабуристичка партија Џереми Корбин, со цел да се најде излез од ќорсокакот во кој западна брегзит и двете страни покажаа високо ниво на флексибилност, соопшти Кабинетот на премиерката Меј.

– Денешните разговори беа конструктивни, а двете страни покажаа флексибилност и посветеност да се заврши моменталната неизвесност околу брегзит- изјави портпарол по состанокот и додаде дека е „постигнат договор околу програма за натамошна работа со цел да се обезбедат работни места и да се осигура безбедноста на британските граѓани“.

Откако трипати не успеа да добие поддршка од Парламентот за нејзиниот договор со ЕУ, Меј вчера рече дека повторно ќе бара одложување на брегзит и дека ќе разговара со Корбин за да најдат компромис.

Корбин се согласи на состанок, истакнувајќи дека царинската унија и работничките права треба да бидат приоритет. Тој претходно жестоко ја критикуваше Меј и во неколку наврати ја повика да поднесе оставка.