Акциите на најголемата германска и една од најголемите светски банки Дојче банк паднаа за историски 4,2 отсто по изјавите врзани за истрагата за учеството на таа банка во „сомнителните трансакции на Данске банк“.

Цените на акциите на Дојче банк паднаа на 8,17 евра за акција, спуштајќи се на најниско ниво во целата историја на нивното тргување. Една од главните причини за таквиот стрмоглав пад се изјавите за можно учество на банката во перење пари низ данската Данске банк.

Според податоците од независни извори на американски „Волстрит журнал“, објавени во бројот од 20 ноември, заклучоците на сѐ уште докрај непотврдената внатрешна истрага на Дојче банк укажуваат дека во периодот од 2007 до 2015 година германската банка префрлила средства во износ од вкупно 150 милијарди долари, поврзани со Данске банк.

Само еден ден порано, во данскиот парламент е сослушан поранешниот службеник на естонската филијала на Данске банк, Хауард Вилкинсон, кој изјавил дека Дојче банк била најголем кореспондент на Данске банк во префрлањето пари во САД. Исто така тој го објавил и приближниот износ на префрлените пари на Данске банк низ германската банка – 150 милијарди долари.

На средината на септември 2018 година, истиот американски весник ја објави веста за тоа дека американската влада спроведува истрага врз Данске банк поради сомневање за перење пари во износ поголем од 150 милијарди долари од Русија и земјите на поранешен СССР. По неколку дена, главниот извршен директор на Данске банк, Томас Борген, поднесе оставка.