Филипинската армија неодамна имаше судир со џихадистите

Откако Исламска држава (ИД) ја загуби контролата над Рака, кој го сметаше за главен град на калифатот во источна Сирија, постојат сознанија на воени експерти оти терористичката организација размислува да воспостави упориште на Филипините, пренесува британски „Експрес“.

Дел од џихадистите кои избегаа од Сирија и од Ирак, наводно, веќе заминале на Филипините, каде што имаат намера да извршат терористички напади и да регрутираат нивни истомисленици.

Филипинската војска веќе предупреди дека терористичката организација оформила група од околу 200 борци на островот Минданао, во февруари, со цел да воспостави калифат. Огранокот на ИД на Филипините, наводно, има вкупно 23 вооружени групи.

Стејт департментот на САД, неодамна, го стави филипинскиот огранок на ИД на нивниот список на терористички организации. Згора, 85 милиони долари од паричната помош на САД за Филипините, беа потрошени на антитерористичка опрема и на тренинг на филипинските оружени сили, во претходните неколку години.

Минатиот месец имаше оружен судир помеѓу филипинската армија и локална терористичка организација поврзана со ИД, во кој загинаа најмалку 44 џихадисти.