Фидел (лево) и Раул Кастро

Кубанскиот претседател Раул Кастро ќе ја напушти функцијата, со што се очекува да заврши владеењето на семејството Кастро со островската држава, по безмалку шест децении, пренесуваат светските медиуми. Но, промената на власта е само привидна, бидејќи братот на поранешниот долгогодишнен кубански лидер, Фидел Кастро (почина во 2016 година), ќе ја задржи моќта во државата.

Националното собрание на Куба треба да одржи седница, која е предвидено да трае денеска и утре, за да го избере новиот претседател, а се очекува Раул Кастро да биде наследен од неговиот заменик Мигел Дијаз-Канел.

Предавањето на власта, навидум, ќе означи крај на една ера. Куба без Кастро, е остварување на целта која се обидоа да ја реализираат повеќе американски претседатели, како и кубанските иселеници на Флорида. Но, на улиците на Хавана се чувствува индиферентност.

Никаде не можат да се забележат плакати или реклами кои ја најавуваат промената, не се расправа јавно за новиот лидер, а не постојат ниту сомневања дека ќе опстане сегашниот политички систем. Згора, се очекува оти Дијаз-Канел ќе обезбеди континуитет на политиката на Кастро.

Раул Кастро, пак, ќе го задржи присуството на политичката сцена, и по напуштање на претседателската функција која ја извршуваше од 2006 година, бидејќи ќе го заземе местото на секретар на Комунистичката партија до 2021 година, како што е најавено.

– Новиот претседател ќе се занимава со дневните, тековни обврски. Но, во случај на криза, или на значителни проблеми со САД, во надворешната политика и во економијата, зборот на Раул ќе биде последен – вели Хал Клепак, авторот на биографијата на Раул Кастро.

Од Дијаз-Канел, кој беше лично избран од Кастро, се очекува да воведе пазарно-ориентирани реформи, без да ја загрози социјалната политика на Куба. Канел-Дијаз е поранешен министер за високо образование на Куба, кој порано се залагаше за правата на ЛГБТ-заедницата, кога генерално беше осудувана од страна на Комунистичката партија. Доколку биде избран на функцијата, Канел-Дијаз ќе биде првиот лидер на Куба што не е воено лице, уште по 1959 година.

Се очекува Дијаз-Канел (десно) да обезбеди континуитет на политиката на Раул Кастро