Популарната социјална мрежа Фејсбук, наводно, помогнала за поврзување на илјадници приврзаници на Исламска држава (ИД), преку опцијата за „сугерирање пријатели“, пренесува британски „Телеграф“.

Компанијата „Фејсбук“ беше критикувана поради неможноста да отстрани терористичка содржина од социјалната мрежа, а сега се појавија и обвинувања дека преку неа контактирале џихадисти од целиот свет, создавајќи мрежи на комуникација, преку кои врбувале и нови припадници.

Истражувачи кои ја анализирале фејсбук-активноста на околу илјада приврзаници на ИД од 96 различни држави, откриле дека тие биле поврзани преку опцијата за „сугерирање на пријатели“. Тоа не е невообичаено, бидејќи Фејсбук користи алгоритам за поврзување на луѓе со слични интереси.

Еден од авторите на истражувањето вели дека бил преплавен со сугестии за пријателства со поддржувачи на терористичката организација, откако контактирал со еден екстремист.

Истражувачите додаваат дека уште повеќе загрижува што „Фејсбук“ не ги санкционира корисниците што ја поддржуваат ИД. 

– Нема место за терористи на Фејсбук. Работиме интензивно за да се осигуриме дека нема терористи и екстремистички групи што ја користат страницата и ќе ја отстраниме сета содржина што го велича тероризмот. Вложивме милиони за да ја идентификуваме и отстраниме терористичката содржина и ќе продолжиме да го правиме тоа – порача гласноговорник на компанијата.