Фејсбук мора да прифати одреден облик на државна регулација и да признае дека со својот статус на понудувач на содржини е некаде помеѓу весник и телефонска компанија, смета коосновачот на најпознатиот социјален медиум, Марк Закерберг. Тој тврди дека ерата на слободни демократски избори, без мешање од странски влади, е поблизу поради тоа што сега Фејсбук вработил над 35.000 лица, кои работат на следење на содржините и на безбедноста.

Тој призна дека Фејсбук бил бавен за да го разбере обемот на проблемот со странското мешање во изборите. Закерберг, исто така, ја бранеше својата компанија од тврдењата дека таа води кон политичка поларизација, велејќи дека нејзината цел е да ги зближи заедниците. Говорејќи на конференцијата за безбедност во Минхен, Закерберг ги отфрли тврдењата дека неговата компанија ја поткопува демократијата, ја ослабнува социјалната структура и дека придонесува за слабеење на влијанието на Западот преку ширење недоверба.

Тој рече дека ги поддржува државните регулативи во четири области, кои опфаќаат избори, политички дискурс, приватност и преносливост на податоци. Спротивно на тоа, тој смета дека авторитарните држави воведуваат висококонтролирани форми на интернет, кои го ограничуваат слободното изразување.
– Мислам дека треба да има регулатива на Западот за штетната содржина. Прашањето е која рамка ја користите за ова – посочи Закерберг.

Тој нагласи дека Фејсбук објавува 100 милијарди содржини секој ден и додаде дека едноставно не е можно да има уредник што ќе одговара за секоја од нив. Според него, одговорноста на Фејсбук за содржините не е иста со одговорноста на уредникот на весник. Без да објасни на што точно мисли, Закерберг порача оти е потребна некаква трета регулаторна структура, која би се нашла некаде меѓу весниците и телефоните.
Тој призна дека неговата фирма бавно реагирала кога видела како странски сили се мешаат на избори, но нагласи дека Фејсбук сега троши суми на безбедност и содржина еквивалентна на вкупната вредност на компанијата во 2012 година и нагласи дека таквите „огромни напори“ придонеле да се постигне поголемо разбирање за тоа како може да се заштити интегритетот на изборите. Закерберг исто така посочи дека и домашни актери се обидуваат да ги нарушат изборите.

Тој рече дека компанијата сега заземала проактивен пристап и дека затоа 99 отсто од терористичките содржини се симнуваат уште пред некој однадвор формално да предупреди на нив. Во случај на говор на омраза, 80 отсто од содржините се отстрануваат без известувања, но вештачката интелигенција на Фејсбук сѐ уште се мачи да ги разликува „малите нијанси“ меѓу содржините што претставуваат говор на омраза или осудуваат говор на омраза, рече тој.