Во пресрет на новиот вид интернет наречен метаверзум, кој функционира на поголеми брзини и ќе биде побезбеден за корисниците, најголемата социјална мрежа Фејсбук започна да ги менува својот изглед и функција, приспособувајќи се на новите технолошки предизвици и дејствување во виртуелните средини

Технолошко-безбедносни процеси на социјалните мрежи

Глобалната безбедност на социјалните мрежи во време кога човештвото живее и функционира виртуелно во услови на пандемијата е предмет на анализи и пишувања во речиси сите светски медиуми.
Токму во таа конотација деновиве угледниот магазин „Блумберг“ пишува дека платформата „Фејсбук“, која изминатиот период беше предмет на сајбер-напади од кои подоцна некаде дури беа предизвикани и сериозни безбедносно-финансиски импликации врз корисниците, планира наскоро да се ребрендира со ново име. Според магазинот „новиот прекар“ на социјалната мрежа, меѓу другото, ќе има цел да ги отстрани старите безбедносни проблеми, кои низ годиниве влеваа несигурност кај корисниците, но и да се приспособи на дејствување кон новиот вид интернет наречен метаверзум, кој треба наскоро да профункционира.
Како што јавува медиумот, компанијата „Фејсбук“, која е под критики и притисок од регулаторите и законодавците во САД, но и во другите земји низ светот поради нејзините бизнис-практики, како и наводно слабата безбедност на мрежата за комуникација, планира со ребрендирањето да се фокусира на подобрување на сигурноста на мрежата и корисниците, но и да се насочи кон идните предизвици што ги наметнува новата глобална виртуелна интернет-мрежа.
– Новото име треба да биде соопштено веќе следната недела, а потегот има цел компанијата да се раздвои од името на нејзиниот најпопуларен продукт „Фејсбук“, социјалната мрежа, но и да биде во согласност со растот на технолошко-безбедносните амбиции на компанијата – објави порталот „Ди-верџ“.
Во меѓувреме, Си-ен-би-си во своја анализа на темава напиша дека „Фејсбук“ минува низ голема криза откако „свиркачот“ Франсис Хауген, што беше извор на серијата приказни на „Волстрит журнал“, откри внатрешни истражувања на компанијата за негативните ефекти од нејзините производи и одлуки. Хауген, поранешна вработена во „Фејсбук“, во интервју за американската ТВ-емисија „60 минути“ откри дека таа е „свиркачот“ што во изминатите месеци испрати доверливи информации до медиумите дека компанијата му давала приоритет на профитот пред безбедноста на мрежата. Според медиумот, ребрендирањето на социјалната мрежа можеби има друга конотација од онаа што е соопштена на светската јавност.
Случајно или не, паралелно со најавите за ребрендирање на социјалната мрежа „Фејсбук“, поранешниот американски претседател Доналд Трамп најави дека тој наскоро ќе пушти сопствена апликација за социјални медиуми, наречена „Вистина“, за која, како што појасни, тој „ќе им се спротивстави на големите технолошки“ компании како „Твитер“ и „Фејсбук“, кои му забранија да ги користи нивните платформи и се ризик за глобалната безбедност.

 

Како што пренесуваат американските медиуми, новата социјална мрежа за комуникација на Трамп ќе биде создадена преку нова компанија формирана со спојување на групацијата „Трамп медиа и технологија“ и специјална компанија за аквизиција, се вели во соопштението за печатот што двете организации го објавија во средата.
– Живееме во свет каде што талибанците имаат огромно присуство на Твитер, но вашиот омилен американски претседател е замолчен. Ова е неприфатливо. Возбуден сум што ќе ја испратам мојата социјална мрежа наскоро на тестирање, каде што потоа се очекува да биде употреблива за целиот свет – истакна поранешниот американски претседател Трамп.
Инаку, од она што деновиве беше објавено во светските медиуми околу најавеното ребрендирање на дел од социјалните мрежи, се наведува дека чекорот на технолошките гиганти за ребрендирање, но и усовршување на социјалните мрежи, меѓу другото е насочен кон зајакнување на системот за чување на доверливите информации на корисниците како резултат на сѐ почестите сајбер-напади на хакерите во виртуелниот свет.


Што е метаверзум

Метаверзумот ќе биде нов интернет во светот, кој ќе биде пософистициран од сегашната глобална мрежа и преку кој луѓето ќе можат да работат, комуницираат и да играат игри во виртуелна средина, со помош на уреди за виртуелна реалност (ВР). Како што пишува британски „Би-би-си“, метаверзумот нема само да биде обична виртуелна реалност како што некои мислат, туку тоа ќе биде целосна промена на нашите животи, а веројатно тоа е меѓу другото и причината поради која „Фејсбук“, но и другите социјални мрежи за комуникација ги менуваат своите имиња и се приспособуваат кон новите алатки за глобална комуникација. Од она што е засега познато, „Фејсбук“ досега инвестираше 50 милиони американски долари кај невладини организации за да помогнат „одговорно и безбедно да се изгради метаверзумот“. За негово целосно завршување и усовршување ќе требаат од 10 до 15 години, наведува Би-би-си.