По лошото искуство со претходните претседателнски избори во САД и сите контроверзи кои се јавија како наводното вмешување на странски фактори од Русија, појавувањето на лажни вести и страници кои генерираат политичка пропаганда, Фејсбук продолжува да бара начин како да се справи со новонастанатите проблеми на најкористената социјална мрежа во светот.

Во таа насока, мрежата на Марк Закерберг ќе имплементира алатки за да го направи политичкото рекламирање потранспартентно пред престојните избори за Европскиот парламент, информираат од европското издание на магазниот „Политико“.

– На крајот месец март, ќе ги објавиме најновите алатки кои ќе превенираат вмешување во изборите за Европскиот парламент и ќе го направат политичкото рекламирање на Фејсбук многу потранспарентно – изјави Ник Клег, новоназначениот подпретседател за комуникации и глобални работи на социјалната мрежа.

Фејсбук, Гугл и Твитер се под константен и интензивен надзор од страна на Европската комисија со цел да се превенира вмешување на странски фактори во изборите, пред сè од Русија, за време на Европските избори во мај оваа година.

Алатките на Фејсбук во голема мера ќе бидат слични на оние кои беа имплементирани за време на средномандатните избори во САД. Луѓето и организацииите кои ќе посакаат да постават политички реклами на социјалната мрежа ќе мора да добијат дозвола од платформата, а на сите реклами ќе пишува кој платил за таа да биде објавена.

Рекламите кои имаат за цел да влијаат на гласачите поради некој проблем и не промовираат одреден кандидат, исто така ќе бидат опфатени од новите правила. Како пример може да се земат рекламите кои се појавија пред референдумот во Британија кои повеќе беа фокусирани на одредени проблеми, околку на луѓето или на политичките партии.

Фејсбук исто така ќе има и база на податоци од сите реклами кои се објавени.

– Сите политички реклами ќе бидат зачувани во база на податоци која ќе биде јавно достапна во рок од седум години. Оваа база ќе содржи информации за тоа колку прегледи имале рекламите, колку пари се одвоени за нив, детали за објавувачот и демографски податоци за оние кои ја виделе рекламата, поточно нивната возраст, пол и локација – појасни потпретседателот Клег.

Целосната операција за иплементација на овие филтри за политичко рекламирање ќе се спроведува од Даблин и ќе започне напролет.