Русинот го информирал Кремљ за операцијата: Путин и Дерипаска

Американското биро за истраги (ФБИ) се обидело од Олег Дерипаска и од други руски олигарси да добие информации за наводната поврзаност меѓу руското раководство и организираниот криминал во државата, како и за евентуалната помош на Москва за претседателската кампања на Доналд Трамп. Напорите на агентите да ги врбуваат Дерипаска и други руски олигарси како американски шпиони сепак не дале плод, а информациите за неуспешната операција стигнале и до Трамп и до Кремљ, пишува „Њујорк тајмс“.

Извори на весникот тврдат дека ФБИ и Министерството за правда на САД меѓу 2014 и 2016 година се обиделе да добијат информации од Дерипаска, а за возврат му нуделе да му ги решат проблемите со добивање американска виза и правните проблеми.

Американските агенти барале информации за рускиот организиран криминал и за тврдењата дека Москва му помогнала на Трамп да стигне до Белата куќа. Во една драматична средба од ФБИ ненајавено се појавиле во домот на Дерипаска и го испрашувале дали бившиот бизнис-партнер и шеф на кампањата на Трамп, Пол Манафорт, е човекот што го поврзувал актуелниот претседател на САД со Москва.

Обидот да се придобие Дерипаска бил дел од поголема тајна операција на американските агенти за врбување десетина руски олигарси, повеќето од кои, како и Дерипаска, зависат од рускиот претседател Владимир Путин за да го задржат своето огромно богатство, тврдат неименувани извори на весникот.

Во операцијата биле вклучени и Брус Ор, бивш висок функционер во Министерството за правда на САД и Кристофер Стил, поранешен британски шпион, кој има досие за наводните врски меѓу Кремљ и кампањата на Трамп.

Сепак, како што нагласува „Њујорк тајмс“, обидите да се обезбеди соработка со руските олигарси не дале плод. Во случајот со Дерипаска, тој на американските агенти им кажал дека не се согласувал со нивните теории за рускиот организиран криминал и за мешањето на Москва во американската претседателска кампања, па дури и го информирал Кремљ за обидите на американските агенти да го врбуваат, тврди извор за весникот.

Информациите за операцијата стигнале и до самиот Трамп, кој сега ги користи за да ја дискредитира истрагата за наводната вмешаност на Русија во неговата победа на изборите за претседател на САД.