„Систем 001“ на младиот изумител Бојан Сплат во септември го почна пробното патување, испловувајќи од пристаништето во Сан Франциско. Сега 600-метарската платформа е на пат кон големиот остров од отпад во Тихи Океан, каде што ќе собира пластика за понатамошно процесирање и рециклирање во нови производи

Системот за собирање пластичен отпад на компанијата „Оушн клинап“ успешно ги помина првичните тестирања во Тихи Океан. „Систем 001“ на младиот изумител Бојан Сплат во септември го почна пробното патување, испловувајќи од пристаништето во Сан Франциско. Сега 600-метарската платформа е на пат кон големиот остров од отпад во Тихи Океан, каде што ќе собира пластика за понатамошно процесирање и рециклирање во нови производи. Доколку успее проектот на Сплат, флота од дури 60 системи се очекува да чисти 50 отсто од големиот остров од отпад.

Од компанијата соопштуваат дека системот успеал да ги помине сите пет контролни пункта пред да продолжи понатаму. Според тимот од Ротердам, тестирањето на „Систем 001“ поминало без значителни оштетувања на објектот.

– Распоредувањето на системот никогаш не беше сто отсто сигурно. Поради тоа, на секој чекор од патувањето, тимот од Ротердам комуницираше со екипата на брегот, за внимателно да се подготвивме за оваа одлука – изјави Слат по упатувањето на „Систем 001“ кон големиот остров од отпад.

Според првичните процени, ќе бидат потребни две-три недели за системот да пристигне до локацијата на пластичниот отпад во Тихи Океан. Истовремено, екипажот ќе продолжи со тестирање на ефикасноста на „Систем 001“ за собирање отпад, како и на последиците што ќе ги има врз животот во океанот.

Светските мориња се преплавени со пластичен отпад, од кој најголемиот дел потекнува од Југоисточна Азија, каде што употребата на пластика ги засенува политиките за управување со отпадот. Покрај тоа, САД и другите развиени земји исто така го испорачуваат својот пластичен отпад на рециклирање во земји како што е Виетнам. Од друга страна, Кина, најголемиот рециклирач на пластика во светот, во 2017 година стави мораториум на увезувањето пластика, што дополнително може да го влоши актуелниот голем проблем.

Според некои конзервативни процени, секоја година најмалку осум милиони тони отпад завршуваат во светските океани. Станува збор за незамисливо големо количество отпад, кое буквално го загрозува животот во морињата, но и на луѓето. Во таа насока, американскиот претседател неодамна го потпиша Законот за заштита на морињата. Со законот повторно се дава зелено светло за програмата на американската администрација за национални океани за собирање на морскиот отпад, како по ураганот Сенди. Исто така, со законот ѝ се олеснува на извршната власт да се ангажира со други држави за решавање на проблемот со загадувањето со пластика.