Шин Ок-џу

Лидерката и основачка на култот кој проповедаше дека доаѓа крајот на светот, доби шестгодишна казна затвор за држење на нејзините следбеници како заробеници на островот Фиџи, поради нивно изложување на насилство, објави Би-би-си.

Шин Ок-џу, која е основачка на црквата „Грејс роуд“ успеа да убеди 400 луѓе да се преселат на Фиџи во 2014 година, тврдејќи дека ќе бидат безбедни од големата природна катастрофа која следи.

При пристигнувањето, на следбениците на Шин им биле одземени пасошите и дел од нив пријавиле дека биле тепани и измачувани, со изговор дека на тој начин од нив излегуваат „злите духови“.

Шин беше уапсена минатиот јули, заедно со уште пет други членови на црквата, од каде засега нема официјален коментар за пресудата.

Беспомошните жртви биле изложени на серозни физички малтретирања, и не само што доживувале физичко насилство, туку претрпеле и значителен психички шок.

Христијанските групи во Јужна Кореја ја опишаа црквата „Грејс роуд“ како еретистичка. Шин проповедала дека на светот ќе се соочи со глобален недостаток на храна и дека нејзините следбеници би биле безбедни на Фиџи.

Црквата, при пренесувањето на следбениците, изнајмила земјиште во близина на главниот град Сува на Фиџи, каде изградила огромна бизнис-империја со бесплатна работа обезбеднена од следбениците на Шин.

Според Би-би-си, истражувањата покажуваат дека неколку милиони луѓе во Јужна Кореја припаѓаат на групи кои промовираат неконвенционални верувања и се претвораат во култови и дека интересот за овие групи константно расте.