Советот за безбедност на ОН денеска едногласно ja усвои резолуцијата со која се бара прекинување на конфликтите низ целиот свет со цел да се олесни борбата против коронавирусот.

Резолуцијата, за која се гласаше писмено, заеднички ја предложија Франција и Тунис, кои веднаш го пофалија нејзиното усвојување.

Некои експерти се сомневаат дека резолуцијата практично ќе се спроведе затоа што беше предложена веќе пред неколку месеци, а тоа, како што проценуваат, влијаело на падот на кредибилитетот на Советот за безбедност.

Резолуцијата, која со месеци беше блокирана од Кина и САД поради нивните спротивставени погледи за улогата на Светската здравствена организација, која се споменуваше во една верзија на текстот, е дел од поддршката на апелот за прекин на огнот од Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Текстот повикува на општо и итно прекинување на конфликтите во светот, освен оние кои се насочени против џихадистичките групи.