Автор: Даниел Депетрис

Нешенел интерест

Терористичката организација Исламска држава која некогаш управуваше со приграбената територија на Блискиот Исток со големина на Обединетото Кралство, сега во голема мера е децентрализирана и е бесцелно движење на идеологии, криминалци и отпадници од општеството. Поминаа 10 месеци откако ИСИС ја загуби контролата и на последното упориште на Калифатот во рамнините на источна Сирија, а нејзините борци се претворија во банда на бунтовници кои отвораат оган врз ирачки и сириски владини сили и сојузничките паравојски.

ИСИС можеби беше поразена, но не е искоренета. Границата меѓу Сирија и Ирак и натаму е незаштитена што им овозможува на паравојските релативно лесно да се движат низ неа. Групата продолжува да регрутира, иако присуството на социјалните медиуми е далеку помало од претходно. Како што Мајк Џиљо и Кејти Гилсинан напишаа за „Атлантик“, „и покрај тоа што Америка потроши милијарди долари за време на мандатите на двајца претседатели за да ја порази ИСИС, да распореди војска во Ирак и Сирија и да ја бомбардира територијата, сепак терористичката група сè уште постои“. Важно е да размислуваме со ладна глава кога ги читаме предупредувачките извештаи дека ИСИС започнала со зачестени напади во Ирак, иако веќе за нив се пренесува во медиумите, извештаите на Советот за безбедност на ООН и на Пентагон.

Прв мит: Убиј го лидерот и групата потоа сама ќе се распадне

Ова е терористичка верзија на стратегијата на ДЕА за ликвидирање на наркобосови, според која прво се апси или убива лидерот, а потоа се распаѓа целата негова организација на полтрони, поданици и посредници. Но во борбата против тероризмот не е така едноставно.

Огромно задоволство предизвикува ликвидацијата на еден лидер во терористичка организација, како што може да посведочат прес-конференцијата на Џорџ Буш помладиот кога соопшти за убиството на Абу Мубаб ал-Заркави, лидерот на Ал каеда во Ирак, како и кога Барак Обама во 2011 година соопшти дека Осама бин Ладен, основачот на Ал каеда, бил убиен во операција во Пакистан на „Тимот 6“ на „фоките“, или кога Трамп му порача на светот дека Абу Бакр ал Багдади „умрел како куче“.

Секоја операција беше нивно лично постигнување, но групата продолжи да постои и покрај ликвидацијата на лидерот. Ал каеда во Ирак на Заркави се претопи во ИСИС, а Ал каеда на Бин Ладен сè уште дејствува. ИСИС не исчезна по смртта на нејзиниот основач. Иако ваквиот чин може да предизвика конфузија во редовите на движењето, сепак не е универзален лек за проблемот.

Втор мит: Колку поголема територија е под контрола на ИСИС, толку повеќе тероризам против Америка

Во 2014 година, ИСИС контролираше толкава територија што предизвика паника во Вашингтон дека ќе има големи шанса за напади врз САД. Но Исламската држава даде предност на создавањето на Калифат во Ирак и во Сирија во однос на надворешните операции. Така создаде средновековен и верски ентитет што ги надминуваше државните граници и функционираше беспрекорно од собирање даноци, решавање спорови, воведување закони, чување на редот, услуги за граѓаните, справување со внатрешни непријатели, доминирање преку заплашување, до регрутирање војска што бара посебно внимание и ресурси.

Но токму надворешните напади го загрозија целиот проект. На пример, објавените видео-снимки од обезглавувањето на западни новинари и заробувањето на етничките малцинства во северозападен Ирак, беа причина за САД да мобилизираат воена коалиција.

Трет мит: ИСИС може да биде поразена

Една од најголемите заблуди за тероризмот е дека може да се извојува победа против ваквите групи. Владите на Буш, Обама и Трамп зборуваат дека тероризмот може да биде искоренет, но таквата цел физички невозможно е да се постигне. Во реалноста „победата“ против ИСИС во традиционална смисла значи победа во војната против дрогата, криминалот или сиромаштијата.

Тероризмот е менлива, аморфна и безлична закана. Групите постојано еволуираат со нивните тактики, стратегии, цели, интереси, а затајуваат кога врз нив има голем притисок. Тероризмот е присутен уште од почетокот на цивилизациите и за жал ќе продолжи и во иднина.

Превод: Билјана Здравковска