Ураганот Хана во саботата го погоди брегот на Тексас, проследен со силни ветрови и големи бранови, по што постои опасност за поплави, па дури и за торнада.

Сето ова се случи во делови од земјата кои очајнички се борат против ширењето на коронавирусот. Првиот ураган во оваа сезона на Атлантикот, удри двапати за нешто повеќе од еден час, како бура од прва категорија, пренесува АП.

Ураганот го погодил копното околу пет часот попладне, 24 километри северно од Порт Менсфилд, односно 209 километри јужно од Корпус Кристи, проследен со ветрови од 145 километри на час, објави Националниот центар за урагани.

Многу делови од Тексас, вклучувајќи ја и областа погодена од невремето, се соочуваат со остар пораст на бројот на заразени во последните неколку недели, но локалните власти велат дека се подготвени за сите можни последици од ураганот.

Гувернерот Грег Абот прогласи состојба на катастрофа во 32 окрузи кои се на патот на невремето. Градоначалникот на Корпус Кристи, Џo Мекомб ги повика граѓаните да не ги напуштаат домовите сè додека не помине невремето.