Најмалку осуммина загинаа во налетот на ураганот Грејс на мексиканскиот брег. Ураганот со себе донесе обилни дождови, кои предизвикаа големи поплави и лизгање на земјиштето. Поради невремето откажани се летови, затворени се патишта, а над 560.000 луѓе се без струја.

Грејс го погоди Мексико како ураган од трета категорија, според Сафир-Симпсоновата скала од пет категории.

Силните ветрови достигнаа јачина од над 200 километри на час, кога Грејс го погоди брегот во близина на одморалиштето Теколутла, во сојузната држава Веракруз.

Според властите, осум лица загинале, од кои шест се членови на исто семејство.

Сите жртви, освен една, се пријавени во Халапа, главниот град на Веракруз, вклучително и девојка која починала кога нејзината куќа била уништена при свлечиште, соопшти владата. Гувернерот на Веракруз, Китлауак Гарсија на прес-конференција рече дека едно возрасно лице загинало при уривање на покривот во северниот град Поза Рика, пренесува „Ројтерс“.

– Вонредната состојба се уште не е помината – нагласи тој.

Локалните телевизии прикажаа снимки од поплавите во главниот град на Веракруз, Чалапи, на кои можеше да се види како пловат по улиците ковчези на погребниот дом. Властите соопштија дека блиската река Актопан се излеала, поради што автопатот бил затворен.