Маскиран напаѓач влегол во куќата на претседателката на Централната изборна комисија на Русија, Ела Памфилова, ја погодил со зашеметувач и потоа избегал, пренесува ТАСС.

-Инспекторите во московската регионална полиција отворија истрага за нападот – рече портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Ирина Волк.

Таа објасни дека полицијата добила пријава за напад врз сопственичката на куќата во московското предградие Истра и дека по пристигнувањето на местото на настанот, полицајците утврдиле дека жртвата е Ела Памфилова.

-Маскираниот напаѓач го скрши прозорецот и влезе во тремот, неколкупати ја удри жртвата со зашеметувач, а потоа побегна – рече Волк.

Според неа, истрагата е отворена под сомнение за грабеж.