Бројот на бегалци и мигранти од Венецуела погодени од кризата од август досега се зголеми за 700.000 лица, односно вкупно три милиони луѓе ја напуштиле земјата, соопшти денеска  Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР)

– Ние проценуваме дека 5.000 до 6.000 лица секојдневно ја преминуваат границата на Колумбија, изјави  за ДПА портпаролот УНХЦР Вилијам Шпиндлер.

Додека најголем дел од оние кои се исселиле од земјата во текот на изминатите месеци се должи на интензивираниот егзодус, мал дел од таа цифра се припишува на бројки поврзани со бегалците во земјите на Карибите, кои претходно не беа достапни.

Од вкупно три милиони Венецуелци, 2.3 милиони луѓе ја напуштиле својата земја од 2015 година, наведе Шпиндлер.

И покрај огромните резерви на нафта, Венецуела страда од економска, политичка и хуманитарна криза, со широко распространет недостиг на основни стоки и зголемена инфлација.

Венецуелците, исто така, бегаат и од политичка репресија во нивната земја. Претседателот Николас Мадуро е обвинет за задушување на опозицијата и обид за создавање на диктатура, наведува германската агенција ДПА.

Околу еден милион од лицата кои ја напуштиле Венецуела се во Колумбија, околу 500.000 во Перу, 220.000 во Еквадор, 130 илјади во Аргентина и по 100 илјади Венецуелци има во Чиле, Бразил и Панама.

Шпиндлер предупреди дека земјите-домаќини на бегалците се соочуваат со ограничени средства и имаат потреба од помош од меѓународната заедница.