Европската Унија ќе набави 300 милиони дози вакцини против коронавирусот, кои заеднички ги произведоа германскиот „Бионтек“ и американската лабораторија „Фајзер“, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, објави дека е создаден механизам на Европската здравствена унија за мерките на ЕУ за борба против епидемиите. Европската комисија вчера во Брисел објави дека го одобрила договорот за набавка на вкупно 300 милиони дози од германско-американската вакцина, со која е обезбедено спречување инфекција со коронавирус во 90 проценти од случаите и чија дистрибуција треба да започне подоцна годинава, кога ќе заврши третата фаза на тестирање. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, изјави дека вакцината треба „да се достави брзо насекаде во Европа“, а германските власти соопштија дека тоа може да се направи до крајот на март 2021 година.