За време на карантинот поради пандемијата на коронавирус, училиштата беа затворени за речиси 168 милиони ученици ширум светот на една година, објави УНИЦЕФ, предупредувајќи на катастрофалните последици за иднината на тие деца.

Училиштата во 14 земји низ светот останаа затворени од март минатата година до февруари, се вели во извештајот на УНИЦЕФ. Од нив, две третини се во Латинска Америка и Карибите, каде што се погодени скоро 98 милиони училишни деца.

– Катастрофа на образованието. Како што се приближува една година од почетокот на пандемијата, ние уште еднаш се потсетуваме на катастрофата во образованието во вонредни околности на карантин низ целиот свет – рече извршната директорка на УНИЦЕФ, Анриета Форе.

„Секој ден што поминува, децата кои не можат да посетуваат настава лично, заостануваат сè повеќе, а нај маргинализираните плаќаат најскапа цена“, нагласи Форе.

УНИЦЕФ предупредува дека постојното затворање на училиштата има катастрофални последици и на најранливите деца им се заканува принуден детски брак или детски труд наместо часови.

Се додава дека повеќе од 880 милиони деца ширум светот се соочуваат со нарушувања во образованието поради целосно или делумно затворање на училиштата.

Како начин да се сврти вниманието кон катастрофата во образованието, УНИЦЕФ постави макета во училница за пандемија во седиштето на ООН во Њујорк. Составена е од 168 празни клупи и секоја клупа претставува милион деца кои живеат во земји каде училиштата се скоро целосно затворени.