Постои опасност еден милион деца – жртви на конфликтите на Блискиот Исток, престојнава зима да живеат во незагреани просториим поради недостиг на средства, предупреди денеска Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ).

– Годините на војни, бегалскиот живот и невработеноста ги намалија семејните финансии речиси до нула. Греењето стана нешто недостапно, изјави регионалниот директор на УНИЦЕФ за Блискиот Исток, Герт Капеларе.

УНИЦЕФ тврди дека му недостасуваат 33 милиони долари, што изнесува околу две третини од неговиот буџет, за да обезбеди основна хуманитарна помош за децата, пред се облека и ќебиња.

Според Фондот, дождовите и студот ќе влијаат врз оние деца кои живеат во екстремно примитивни услови во бегалски кампови или во пренаселени привремени сместувалишта.

– Со почетокот на студеното време и дождовите на Блискиот Исток и во Северна Африка, речиси еден милион деца од кризните региони ќе бидат оставени на студот, изјави Капеларе.