Унгарскиот парламент ја отфрли Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилство врз жени и ја повика владата да лобира против усвојувањето на Истанбулската конвенција во ЕУ.

Декларацијата против усвојувањето на Истанбулската конвенција, со поддршка на десничарските партии, беше усвоена со 115 гласа „за“, 35 „против“ и три воздржани.

Опозицијата гласаше против резолуцијата со која се повикува владата да се откаже од понатамошните чекори за ратификување на Истанбулската конвенција.

Владата на премиерот Орбан ја потпиша Истанбулската конвенција во 2014 година, но никогаш не ја ратификуваше, според Хина.

Владата има право да ја брани својата земја, културата, законите, традициите и националните вредности, а ставовите на малцинствата за родот не треба да го загрозуваат тоа, се вели во резолуцијата.

Клучните делови на Истанбулската конвенција што ги штитат децата и жените од насилство се вградени во унгарскиот правен систем, се вели во декларацијата, пренесува унгарската новинска агенција МТИ.