Новиот унгарски Парламент денеска го реизбра лидерот на партијата ФИДЕС, Виктор Орбан за премиер на Унгарија.

Претседателот на Унгарија Јанош Адер во вторникот им препорача на пратениците на конститутивната седница на Парламентот повторно да го изберат Орбан за премиер, кој, во третиот по ред мандат, најави дека ќе настојува да спроведе уставни измени.

– Побарав од премиерот Виктор Орбан да формира нова влада и тој тоа го прифати, изјави тогаш Адар.

Унгарскиот Парламент во вторникот одржа конститутивна седница, по убедливата победа на изборите во април на партијата на Виктор Орбан, ФИДЕС. Тој ден пред Парламентот се собраа околу 1.000 лица на протест против владеењето на Орбан, кое го нарекуваат авторитарно. 

На Орбан, кој важи за екстремно десничарски националист и популист, му забележуваат дека ја зголемил контролата врз медиумите и своите приврзаници поставил да раководат со независните институции. Обран одби неговата држава да прими голем број на мигранти, поради што влезе во судир со Европската комисија.

Демонстрантите во вторникот вееа унгарски и знамиња на ЕУ и тврдеа дека Орбан ја задушил слободата на медиумите и манипулирал со изборните правила. Тие извикуваа „Демократија, демократија!“ и пред Парламентот истакнаа транспарент на кој пишуваше „Уставот е нелегитимен“.

ФИДЕС на априлските избори освои 133 од 199-те места во Законодавниот дом, со што обезбеди мнозинство кое на Орбан му овозможува да изврши промена на Уставот.