Унгарија и Полска денеска го блокираа усвојувањето на дел од пакетот за седумгодишниот буџет на ЕУ и планот за закрепнување, бидејќи не се согласуваат со механизмот според кој европските фондови и средства се условени со владеењето на правото, соопштија извори од германското претседателство.

Амбасадорите на земјите-членки со квалификувано мнозинство го потврдија компромисот за механизмот за условување, кој официјално се нарекува регулатива за заштита на буџетот на ЕУ. Таа одлука беше испратена до земјите-членки за усвојување во писмена форма.

За блокадата објавија и на фејсбук-страницата на унгарската Влада.

– Ништо не е договорено додека сè не биде договорено – се наведува во објавата во која е цитиран премиерот Виктор Орбан.

Унгарија и Полска претходно најавија блокада на буџетскиот пакет, поради механизмот за владеење на правото, со кој Европската унија може финансиски да ги казнува членките доколку ги нарушат основните вредности на ЕУ, односно владеењето на правото.

Двете земји најавија дека нема да го поддржат договорениот пакет доколку остане договорениот текст во однос на владеењето на правото. Ветото од Унгарија и Полска може да ја одведе ЕУ во голема криза, во услови на веќе постоечка здравствена криза предизвикана од пандемијата на коронавирус.

Лидерите на ЕУ во јули постигнаа политички договор за нов седумгодишен буџет од 2021-2027 година вреден 1.074 милијарди евра и план за закрепнување од 750 милијарди евра, од кои 390 милијарди се неповратна помош и 360 милијарди заеми. Вкупно, тоа е над 1.800 милијарди евра.

За да се спроведе овој политички договор, потребен е законодавен процес, што е работа на Советот и на Европскиот парламент.

– Унгарија не може да прифати обврзување на европските фондови по критериумот за владеење на правото затоа што Европската Унија ќе почне да личи на Советскиот Сојуз – рече неодамна унгарскиот премиер, кој смета дека воведувањето на овој механизам би бил уцена врз идеолошка основа, без објективни критериуми.