Џими Аксеон, лидерот на Шведските демократи, прогласи триумф и најави голем удел во креирањето на политиките

Антиимигрантската, популистичка партија Шведски демократи освои доволно пратенички места за да биде клучниот играч што ќе има огромно влијание врз политиките на идната малцинска влада. Шведски аналитичари велат дека е само прашање на време кога ултрадесничарите и официјално ќе влезат во Владата, како што веќе е случајот во повеќе европски држави

Шведска се соочува со долг период на политичка неизвесност по парламентарни избори на кои двата традиционални блока завршија изедначено, но далеку од потребното мнозинство, додека ултрадесничарите прогласија победа и најавија „огромно влијание“ на политичката сцена во годините што доаѓаат иако обезбедија помалку пратенички места од очекуваното. Двете главни партии засега одбиваат коалиција со популистите, но аналитичарите во земјата велат дека таа на крајот може да биде неизбежна.

Според првичните резултати, популистичката, антиимигрантска партија Шведски демократи освои 17,6 отсто од гласовите, далеку повеќе од 12,9 отсто што ги обезбеди во 2014 година, но исто така и далеку помалку од 25 отсто, колку што предвидуваа испитувањата на јавното мислење. Сепак, многу е веројатно дека таа ќе има значајна улога во креирањето на политиките.

Владејачките социјалдемократи, предводени од премиерот Стефан Левен, го задржаа рекордот да бидат први на сите избори од 1917 година, но со нивниот резултат од 28,4 отсто исто така добија рекордно најниска поддршка во изминатиот век, а нивниот блок обезбеди вкупно 40,6 отсто од гласовите. Намалување на поддршката регистрира и главната десничарска опозициска Умерена партија, која освои 19,8 отсто од гласовите, а нејзиниот блок вкупно 40,2 отсто од гласовите.

Аналитичарите прогнозираат дека новата влада ќе биде формирана дури по повеќе недели и тоа само ако има коалиција меѓу двата традиционални блока или неофицијална парламентарна поддршка од популистите, кои засега сите сега ги отфрлаат како партнери. Многу експерти прогнозираат дека лидерот на Умерените, Улф Кристоферсон, ќе бара да формира малцинска влада, со имплицитна поддршка од ултрадесничарите, која ќе им овозможи на вторите да имаат големо влијание во креирањето политиките. Таквиот исход веќе го најави нивниот лидер Џими Аксеон, кој рече дека со освоените 63 места неговата партија ќе има огромно влијание врз политичкиот живот во наредните години.

Набљудувачите се тешат дека наспроти најавените мрачни сценарија, сепак 82 отсто од гласачите не гласале за Шведските демократи и тие затоа нема да бидат официјален коалициски партнер во наредната влада. Но како што се случи и со другите нордиски соседи претходно, либералната, просперитетна Шведска плови во непознати води, во која антиимигрантската партија е значителна политичка сила. Порано или подоцна, како што се случи во Данска, Норвешка и во Финска, некаков вид коалиција со популистите е можен, па и неизбежен, оценуваат тие.

Шведските демократи, формирани во доцните 1980-ти од неофашистичките екстремисти, за само три изборни циклуси скокнаа од 5,7 отсто на 17,6 отсто поддршка. Радикалната десничарска партија успеа да го разниша можеби и најстабилниот политички поредок во Западна Европа.

Со децении, истите два блока ја дефинираа политиката на Шведска, од една страна десничарите предводени од Умерените, а од друга страна левичарите предводени од социјалдемократите. Но популистичките групи успеаја да обезбедат силна поддршка поради различните нерешени политички проблеми, како имиграција, интеграција, идентитет, криминал или социјален шовинизам, кои предизвикаа сѐ поголеми поделби во инаку толерантното општество. Шведските демократи, кои до 2015 година беа единствената партија што постојано се противеше на имиграцијата, успеа да придобие гласови од умерената левица и десница, па ниту еден од двата традиционални блока не може самостојно да формира влада. Засега сите тврдат дека се против каква било коалиција со популистите, но многумина се сомневаат дека и двата блока на крајот може да побараат поддршка од нив за да формираат влада. Аналитичарите велат дека е можна и голема коалиција како во Германија, но сепак признаваат дека мали се шансите за такво сценарио бидејќи на опозицијата примарна цел ѝ е да ги собори социјалдемократите од власт. Затоа и посочуваат дека најверојатно сценарио е малцинска десничарска влада. Тоа е можно зашто за шведските влади да владеат не мора да покажат дека имаат обезбедено мнозинство, туку само да нема некое против нив. Според аналитичарот Николас Ајлот, на крајот премиер може да биде оној кандидат што најмалку не им се допаѓа на пратениците.

Резултатот ќе биде потенцијално ранлива влада, но таа не мора да биде импотентна или неефективна, вели Андерс Санерштад, политички научник на Универзитетот во Лунд, наведувајќи истражување, кое покажува дека земјите што имаат малцинските влади честопати се поефикасни можеби зашто тие бараат прагматични, меѓупартиски договори.

Тоа значи дека малцинската влада би зависела од Шведските демократи, чие влијание би било значително. Сепак, никој не смета дека во Шведска ќе колабира јавниот ред и мир.

– Не очекуваме политички хаос. Шведска има долга историја на креирање политики на консензус и партиите ќе успеат најдат договор – смета аналитичарката Ана Андраде.
Но дури и ако Шведските демократи сега официјално останат надвор од Владата, нивното постепено вклучување во политичкиот процес на Шведска е само прашање на време.

– Ако работите продолжат како сега, тоа ќе се случи. Во Данска, Норвешка и во Австрија, екстремната десница сега е прифатена од умерената десница. Можам да го видам тоа и во Шведска – вели аналитичарката Ан-Катрин Јунгар.

Ова се први избори во Шведска откако Владата одлучи да прими 163.000 имигранти во земјата, најмногу по жител на однос на која било друга европска држава. Таквиот потег за време на имиграциската криза во Европа во 2015 година ги поларизира сите 7,3 милиони гласачи во Шведска, зголемувајќи ги грижите за социјалната држава.

Долгиот период на чекање за операции, недостигот од лекари, наставници, како и од полициски сили, кои тешко се справуваат со низата престрелки и напади, често во сиромашните имигрантски населби, ја разнишаа довербата во шведскиот модел на социјална држава и инклузивност. Во жестоката предизборна кампања главно доминираа имиграцијата, интеграцијата и социјалниот систем, а популистите нагласуваа дека на гласањето ќе се избира меѓу имигрантите и социјалната држава.

Ултрадесничарските партии забележаа значителни придобивки во поддршката во однос на традиционалните партии во Западна Европа во изминатите години, по глобалната финансиска криза во 2008-та и по имигрантската криза во 2015-та. Ултрадесничарите, популистите, антиимигрантите сега се дел од владите во Италија, Австрија, Норвешка и во Финска.

– Традиционалните партии не успеаја да одговорат на незадоволство. Тоа незадоволство можеби не е директно поврзано со невработеноста или со економијата, туку едноставно претставува губење на довербата во политичкиот систем. Шведска не е единствена – посочува аналитичарот Магнус Бломгрен.

Ова беа први избори откако Шведска по 2015 година прими 163.000 имигранти, најмногу по жител во Европа