Канцеларијата на украинскиот државен јавен обвинител покрена истрага за велепредавство и злоупотреба на службената должност за поранешниот претседател Петро Порошенко откако беа објавени преписи од неговите наводни разговори со поранешниот потпретседател на САД и со државниот секретар на САД, објави весникот „Украинска правда“.

Според извори во обвинителството, истрагата е покрената во согласност со членовите од  украинскиот Кривичен законик за велепредавство и злоупотреба на службената должност.

Во вторникот, украинскиот пратеник Андреј Деркач објави аудио записи на телефонски повици  во кои, според него, Порошенко разговара за внатрешната политика на Украина со тогашниот потпретседател на САД, Џо Бајден, и со државниот секретар Џон Кери. Пратеникот рече дека разговорите се случиле кон крајот на 2015 и почетокот на 2016 година.

Во еден од разговорите меѓу Порошенко и Кери, кој, наводно, се случил на 3 декември 2015 година, американскиот дипломат му вели на украинскиот претседател да размисли за решавање на проблемот со смена на генералниот обвинител Виктор Шокин. Кери исто така вели дека потпретседателот Бајден е загрижен поради проблемот.

Записите содржат и други информации што укажуваат на мешање на САД во внатрешните работи на Украина.

Меѓу другото, Бајден му вели на Порошенко да го национализира најголемиот украински заемодавател „Приват Банк“ додека американскиот претседател Доналд Трамп не ја преземе функцијата. Порошенко, исто така, им дава извештај на американските власти за покачување на тарифите за Украинците и за реформа на државните претпријатија.