Украинскиот министер за надворешни работи, Павлo Климкин, поднесе оставка, пренесува „ТАСС“ повикувајќи се на видео објавено на фејсбук-страницата на Климкин.

– Како што ветив, само што ја потпишав мојата оставка – рече тој.

Климкин објасни дека ќе го испрати писмото до Врховната рада и до украинскиот претседател Владимир Зеленски по неговата инаугурација на 20 мај.

Според министерот, тоа е правилна постапка од гледна точка на политичката култура, бидејќи новоизбраниот претседател има право да формира свој тим за надворешна политика и да ја воспостави својата стратегија за надворешна политика.

– Но, реков дека сум подготвен да го поддржам кога е потребно и онаму каде што нашите убедувања и визијата се совпаѓаат – додава Климкин.

Климкин, исто така, ја објави својата намера да се кандидира за украинскиот парламент.

– Јас разбирам што сакаат Украинците, но исто така разбирам што очекува светот од нас. Имам многу различни идеи и се надевам дека ќе ги спроведам, поради што продолжувам да одам напред во политиката, до Врховната рада, со тим чии убедувања и визија за иднината ги споделувам – истакна тој.

Климкин е министер за надворешни работи на Украина од јуни 2014 година.