Владата на Украина покажува мал интерес да одржи уште една размена на притворени лица со самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск (ДПР и ЛПР), пренесува ТАСС. Подгрупите за безбедносни и економски прашања на Трилатералната група за контакт, како и за хуманитарни и политички прашања, одржаа средба преку видео-врска во вторникот.

– Деструктивниот став што преговарачите во Киев уште еднаш го демонстрираа, дозволува само еден заклучок: Украина не е заинтересирана за одржување нови размени – рече претставникот на ДПР во хуманитарната подгрупа, Дарија Морозова.

Според Морозова, Киев предложил размена на информации за притворени лица во вторникот, но од март одбива да ги даде овие информации по барање на ДПР.

– Преговарачот на Киев, Галина Третјакова, го покрена прашањето за размена на информации за притворените лица. Покрај тоа, таа го опиша овој процес како мал чекор кој не претставува никаква тешкотија за сите страни – рече таа.

Морозова вели дека овој предлог изгледа особено апсурден со оглед на фактот дека Киев сè уште не одговорил на барањето за статусот и локацијата на лицата поднесено од ДПР во март 2020 година. Според Морозова, ДПР покрена иницијатива за создавање единствена база на податоци за пребарување на лица кои исчезнаа за време на борбите во Донбас.

– Создавањето и лансирањето на механизам од ваков вид е исклучително важно за сите страни во конфликтот. Тоа ќе помогне да се интензивираат и координираат активностите насочени кон лоцирање на исчезнати лица и идентификување на телата – вели Морозова.

Слично мислење изрази и Олга Кобцева, претставник на ЛПР во хуманитарната подгрупа.

– Украинската страна одби да даде какви било коментари за ослободувањето на притворените лица. Украина инсистира да обезбедиме списоци на лица кои сме подготвени да ги објавиме. Сепак, за да го направиме ова, треба да ни дадете информации за луѓето што се наоѓаат на територијата на Украина. Ова не е направено од јануари  – рече таа, цитирана од „Луганскинформцентр“.

Претходно, Кобцева ја обвини украинската страна за блокирање на напорите со задржување на процесот на судско ослободување за луѓето што треба да се заменат.

Размената на притворени лица што ги држи секоја од страните во конфликтот во Донбас е една од главните точки на Договорите од Минск. Според договорпт, принципот на размена е „сите за сите“.Посветеноста кон овој принцип беше потврдена на самитот во Нормандиската четворка (Франција, Германија, Русија и Украина) во Париз, декември 2019 година.

На 29 декември се случи првата голема размена на затвореници меѓу републиките Доњецк и Луганск, од една, и Украина од друга страна. Самопрогласените републики ослободија 76 лица, а Киев – 124. Друга размена се случи на 16 април 2020 година. Киев притоа ослободи 14 лица и прими 20. Сепак, прашањето за размена „сите за сите“ останува нерешено до денес.