Украинските безбедносни служби соопштија дека инсценираната смрт била искористена за да се спречи вистинската ликвидација на новинарот Аркадиј Бабченко, наводно организирана од Москва. Но, властите во Киев се на тапет дека шират лажни информации и оти го поткопуваат кредибилитетот на новинарите

Украина се соочува со остри критики откако го инсценира наводното убиство на рускиот новинар Аркадиј Бабченко, кој беше „застрелан“ неколку пати во Киев. Властите во Киев се на тапет дека го поткопуваат кредибилитетот на новинарите. Бабченко се појави на прес-конференција со претставници на украинските безбедносни служби, кои соопштија дека инсценираната смрт била искористена за да се спречи вистинската ликвидација на новинарот, наводно организирана од Москва. Но, меѓународната организација „Репортери без граници“ оцени дека е патетично што украинските служби си играле со вистината. Со реакција се јави и ОБСЕ, од каде што порачаа дека Киев шири лажни информации.
– Тоа што новинарот се појави жив и здрав навистина е големо олеснување, но патетично е и за жалење е тоа што украинските служби си играле со вистината, без разлика на тоа кој им бил мотивот – порача Кристоф Делуар, генералниот секретар на „Репортери без граници“.

Тој оцени дека со таквите постапки не се унапредува слободата на медиумите.
– Доволна е една симулација за да се фрли сенка на сите случаи со политички убиства. На дело беше државна лага, без разлика на тоа колку кратко траеше – истакна Делуар.
Истовремено, висок претставник на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ја обвини Украина дека шири лажни информации.
– Ја осудувам одлуката за ширење лажни информации за животот на новинарот. Должност на државата е да обезбеди коректни информации за јавноста – порача Харлем Дерис, претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите.
Шефот на Службата за безбедност на Украина (СБУ), Василиј Грицак, на прес-конференцијата, на која неочекувано се појави и „убиениот“ Бабченко, изјави дека смртта на новинарот била инсценирана и оти целта на операцијата било да се приведат оние што планирале да го убијат.

– Врз основа на информации што ги проследи украинската служба, убиството на рускиот новинар Аркадиј Бабченко го наредија руските безбедносни служби. Украинските истражители идентификуваа украински државјанин кому руската безбедносна служба му платила 40.000 долари за убиството на Бабченко – изјави Грицак.
Бабченко наводно беше пронајден крвав од неговата сопруга на влезот од станот во Киев, неколку пати застрелан во грб, а починал во болница. Новинарот не ѝ кажал ниту на сопругата дека неговото убиство е инсценирано. На прес-конференцијата тој посебно ѝ се извини на сопругата поради приредениот шок со неговата наводна ликвидација.

По појавувањето на Бабченко пред телевизиските камери, се огласи и руското МНР.
– Украинската безбедносна служба (СБУ) ќе продолжи со антируските провокации во врска со лажниот напад врз новинарот Аркадиј Бабченко, за да се поттикнат обвинувања против Москва. Делата, кои изгледаа имаа цел да предизвикаат пропаганден ефект, на крај се покажаа како измама во целиот свет, кој жестоко реагираше на вестите од Украина – се наведува во соопштението на руското МНР.
По наводното убиство на рускиот новинар, властите во Киев порачаа дека Бабченко е ликвидиран поради неговите остри критики до Русија и претседателот Владимир Путин. Бабченко во повеќе наврати ги осуди акциите на Москва во источна Украина, како и руската анексија на Крим, а ја критикуваше и интервенцијата на Русија во Сирија.


И Франција режирала убиство на политички дисиденти

Експертите оценуваат дека инсценирањето на смртта на новинарот Аркадиј Бабченко, за да се открие наводниот обид за негово убиство, има преседан во историјата, и тоа во 1982 година во Франција. Станува збор за случајот со Вирџил Танасе.
– Танасе беше романски бегалец во Франција, кого романските безбедносни служби, озлогласениот Секуритате, сакаа да го елиминираат, а француската безбедносна служба ДСТ, задолжена за контраразузнавање, го криеше еден период, претставувајќи дека тој е мртов – изјави Ерик Денесе, директор на францускиот Центар за истражување на разузнавачки прашања (ЦФ2Р).
ДСТ го чувала Танасе на тајно место три месеци во 1982 година, а неговата сопруга, која не била запознаена со планот, го пријавила неговото исчезнување. Измамата ја откри весникот „Матин де Пари“ и набргу потоа Танасе се појави и одржа прес-конференција. Танасе сега има 72 години и живее во Франција, каде што работи како писател, драматург и режисер.


Бабченко на 19-годишна возраст се борел во Чеченија

Новинарот Аркадиј Бабченко (41), чија режирана смрт привлече остри критики на сметка на Украина, имал само 19 години кога во текот на 1990-тите се борел на страната на руската војска во Чеченија. Бабченко учествувал во тамошните борби и во 2000-те, и тоа како професионален војник. По тоа, тој повеќе пати повторил дека ја „мрази војната“ и дека не сака повторно да земе оружје во рацете.
– Бев добар војник. Сега сум лош војник. Повеќе сакам да живеам отколку да умрам – напиша Бабченко во 2017 година.