Секретарот на Советот за безбедност и одбрана на Украина, Алексеј Данилов, одговори на предлогот на германски експерт за распоредување мигранти од Белорусија во Украина и како што јавуваат светските медиуми, предложил, германските пратеници да ги однесат дома.

„Ние во Советот за национална безбедност и одбрана ја разгледавме таа изјава на господинот Шмид. Имаме предлог германските социјалдемократи да однесат двајца, тројца, пет мигранти дома – ако нема доволно простор во Бундестагот нека ги однесат дома“, рече Данилов, коментирајќи го предлогот на експертот за надворешна политика во германскиот Бундестаг, Нилс Шмит, Украина да ги преземе мигрантите од полско-белоруската граница.

Данилов праша од која причина Украина треба да ги преземе мигрантите, ако со нив треба да се позанимава германската страна.

„Чудно е кога Германците ни кажуваат што да правиме во врска со тоа“, рече секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана.

Во исто време, тој кажа дека Украина ќе постапи соодветно во случај да се повтори ситуацијата кога илегалните мигранти ја пробија белоруско-полската граница.

„Во случај на пробивање на границата, алгоритмот на дејствување ќе биде соодветен, согласно нашиот закон. Силата и ресурсите ќе бидат повеќе од доволни. Разговаравме за тоа прашање“, рече Данилов.

Претходно министерот за внатрешни работи на Украина, Денис Монастирски изјави дека во случај на сценарио за „вештачко“ движење на мигрантите кон границата на неговата земја, реакцијата на безбедносните сили ќе биде остра.