Одреден хакер дошол во посед на американски воени документи со осетлива содржина, но не успеал да најде заинтересирани купувачи кога се обидел да ги продаде преку Интернет, по што бил приморан да ја спушти цената на 150 долари, пренесува „Бизнис инсајдер“.

Тим од аналитичари што работеле на тајна задача, стапиле во контакт со хакерот кога се обиделе да се поврзат со корисници на „дарк веб“ (дел од Интернет за кој е потребен специфичен софтвер за пристап).

Хакерот дошол до документите кои им припаѓале на член на американските воздушни сили, како и на службеник на армијата на САД, искористувајќи пропуст во рутерите произведени од компанијата „Нетгир“.

Документите содржеле упатства за одржување на рипер-дронот „ЕмКу-9А“, прирачници за справување со импровизирани експлозивни направи и прирачник за тенкот „М1 Абрамс“. Хакерот успеал да упадне и во системот на безбедносните камери на границата помеѓу Мексико и САД, како и во американската вселенска агенција (НАСА).

Документите содржеле упатства за одржување на рипер-дронот „ЕмКу-9А“

Не станува збор за информации од доверлив карактер, наспроти тврдењата на хакерот дека се украдени од Пентагон, но на нив има назнака за „забрана за споделување со друга нација без посебна дозвола“.

Истражителите, кои соработуваат и со властите во САД, се сомневаат оти хакерот немал познавање за информациите што ги поседува, односно за нивната вредност. Тој ја спуштил цената на 150 долари, а нудел и извадоци од документите, во обид да оствари брза продажба, но имал потешкотии да најде заинтересирани купувачи.

Се верува дека хакерот е од Јужна Америка. Тој се жалел на слабиот квалитет на неговата интернет-врска, кога контактирал со аналитичарите што го истражувале случајот. 

Надлежните институции во САД ги тргнале од употреба ранливите компјутери, откако биле известени за упадот, па хакерот веќе нема пристап до податоците.