Полицијата во Сан Франциско бара маж кој е снимен на видео надзор како краде слика на Салвадор Дали вредна 20.000 долари, којашто била изложена во уметничка галерија. Осомничениот влегол во галеријата Dennis Rae Fine Art и го зграпчил првото дело што му дошло до рака – „Жирафата во пламен“ на Дали. Сликата била изложена на штанд во предниот дел на галеријата.

Во снимката од безбедносните камери може да се види човек кој шета низ галеријата додека друго лице го чека надвор. По една минута човекот излегува од галеријата со сликата во рака и заминува во непознат правец.

Уметничкото дело е направено од Дали помеѓу 1966 и 1967 година. Сликата била изложена како дел од изложбата на дела на Салвадор Дали и се проценува дека е вредна 20 илјади долари.

Полицијата трага по крадците.

Салвадор Дали (11 мај 1904 – 23 јануари 1989) е шпански сликар и протагонист на надреализмот во Франција и САД.