Кога ќе пристигнете во Јакутск, прво нешто што можете да видите и помирисате е густ чад, пренесува Си-ен-ен, чии новинари беа на терен за да ја истражат состојбата.

Ова е едно од најстудените населени места на Земјата и еден од неколкуте руски градови задушени од пожарите што летово го опустошуваат Арктикот.

– Изминативе недели беше невозможно да се дише, чадот кој доаѓа од шумата е насекаде околу нас и поради тоа сите бевме предупредени да останеме во нашите домови. Но бубашвабите се најголем проблем. Тие бегаат од огнот и ги преплавуваат нашите домови – рече Муртаз, локален таксист, додека возеше низ градот исполнет со смог.

Алјаска и Канада исто така беа зафатени од пожари. Но во Русија, чадот од опожарената шума се рашири на речиси половина територија од земјата, па дури стигна и до западниот брег на САД.

– Поради загревањето на Сибир можно е да се забрза глобалното затоплување. Но рускиот одговор беше бавен. Властите овде најпрво одлучија да не ги гаснат пожарите, освен ако не претставуваат директна закана за населбите, бидејќи тоа би било „економски неисплатливо“. Со други зборови, локалните буџети беа премногу ограничени – се наведува во репортажата на Си-ен-ен.

Состојбата дополнително ја комплицира фактот што пожарите ги погодија огромните неразвиени простори на источна Русија, па затоа, со цел да се стигне до овие места потребни се многу луѓе, авиони и гориво.

Северните делови на регионот Иркутск беа погодени од пожари пред јужните области на регионот да се опорават од смртоносните поплави во јуни, во кои животот го загубија 25 лица, а 30.000 луѓе останаа без своите домови.

Во областа со години немало вакви интензивни поплави, а тие не се ни вообичаени за овој период од годината. Истражувачите од државниот универзитет во Иркутск изјавија дека поплавата е предизвикана од „аномални атмосферски процеси што се случуваат во услови на глобални и регионални климатски промени“, предупредувајќи дека Сибир во иднина може да искуси уште повеќе временски екстреми.

Додека површината на источна Русија гори и се поплавува, нејзиното тло се топи и распаѓа, пробивајќи огромни дупки на местата, како што е регионот Јакутија.

Глобалните климатски промени честопати се незабележителни, но во овие региони јасно можат да се забележат последиците.

– На почетокот мислевме дека тука паднал некој метеорит, но се откри дека за сето тоа е заслужен човечкиот фактор – вели локалниот жител Ерел Стручков.

Жителите се загрижени дека нивното село и околните населени места би можеле да бидат загрозени.

– Ова е масовно социјално прашање. Инфраструктурата, составена од згради, гасни линии, водоводни цевки, железнички пруги и патишта, се распаѓа и последиците од тоа ќе бидат големи – истакна Александар Федоров, водечки научник на Институтот во Јакутск.