Познатиот шеф на њујоршкото криминално семејство Гамбино, Френк Кали, е убиен пред неговиот дом. Кали (53) е погоден неколку пати од огнено оружје пред неговиот дом во местото Тод Хил во дистриктот Статен Ајлeнд, Њујорк. Шефот на криминалната организација по настаните бил пренесен во болница, каде им подлегнал на повредите, јавува Би-би-си.

Според очевидци на местото на настанот, по пукањето, убиецот со син автомобил избегал во непознат правец. Њујоршките медиуми велат дека ова е прво убиство во кое е цел шеф на мафија во градот по 1985 година. Гамбино се смета за едно од петте историски италијанско-американски мафијашки семејства во Њујорк.

Сведоците на настанот велат дека убиецот го погодил Френк Кали најмалку шест пати со огнено оружје, а потоа го прегазил со автомобилот, пред за избега од местото на настанот. По случувањата, членови на семејството биле забележани како се упатуваат до телото на Кали.

Њујоршката полиција рече дека мотивот е непознат и дополнија дека во моментов се одвива истрагата, а досега никој не е уапсен како осомничен во овој случај.

Медиумите пренесуваат дека ова е прва ликвидација на мафијашки бос во градот уште од убиството на босот Пол Кастелано на семејството Гамбино, кој беше ликвидиран пред ресторан во 1985 година.

Франческо „Френки Бој“ Кали наводно ја преземал организацијата на семејството Гамбино од Доменико Чефалу во 2015 година. Се верува дека Кали претходно имал едно криминално обвиниение за организација на изнуда на пари во 2008, настан за кој одлежал 16 месеци затвор.

Можеби најозлогласениот шеф на фамилијата Гамбино беше познатиот Џон Готи, кој беше обвинет во 1992 година за 13 убиства и голем број на други обвиненија. Готи почина во 2002 година.

Населбата Тод Хил на њујоршкиот Статен Ајленд е познато по мафијашките семејства и поврзаност со мафијата. Во оваа населба е снимано и легендарното филмско остварување „Кум“, за измислениот криминален бос Дон Корлеоне во 1972 година. Претходно споменатиот Пол Кастелано ја поседувал куќата во Тод Хил каде што е сниман филмот.

Се верува дека семејствата Џеновезе, Гамбино, Лучесе, Коломбо и Бонано со декади го контролирале организираниот криминал во Њујорк. Минатата недела, Кармине Периско, поранешниот прв човек и бос на криминалната организација Коломбо, почина по отслужување на 33 години од 139-годишната затворска казна.

Вчера, двајцата лидери на фамилијата Бонано, Џозеф Камарано јуниор и Џон Занокио беа ослободени од судот во Менхетен за обвиненијата за рекетарство и организација на изнуда на пари.