Германската полиција го идентификува напаѓачот како Тобијас Р., кој бил поврзан со екстремно десничарски групи

Расизмот е отров, омразата е отров, овој отров постои во општеството и е виновен за премногу злосторства, порача германската канцеларка Ангела Меркел по масакрот во кој симпатизер на екстремната десница уби девет лица во градот Ханау

Германската полиција го идентификува напаѓачот што уби девет лица во напади врз два наргиле-бара во градот Ханау. Станува збор за 43-годишниот Тобијас Р., кој бил поврзан со екстремно десничарски групи во земјата. По нападите, во кои беа ранети и пет лица, Тобијас се самоубил. Полицијата го пронашла неговото безживотно тело во неговиот дом, во кој било откриено и телото на неговата мајка. Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека напаѓачот од Ханау бил воден од расистички мотиви, пренесуваат светските медиуми.

Напаѓачот прво отворил оган врз присутните во наргиле-бар во центарот на Ханау, град со околу 100.000 жители, на 25 километри оддалеченост од Франкфурт. По ова, Тобијас Р. го продолжил крвавиот поход во уште еден ваков бар, каде што пукал кон присутните гости. Престрелката предизвика повеќечасовна полициска потера, во која полицајците, поддржани со хеликоптери, пребарувале повеќе делови на градот.
Полицијата успеала да го идентификува напаѓачот благодарение на информациите од очевидците на масакрот и видеоснимките од безбедносните камери. Според таблоидот „Билд“, Тобијас Р. поседувал дозвола за оружје, а во неговиот автомобил било откриено поголемо количество муниција. Полицијата соопшти дека тој оставил и писмо и видеоснимка на која зборува за своето злосторство. Според полициски извори, напаѓачот во писмото изнел конфузни ставови, од кои повеќето биле од екстремно десничарска природа. АРД пренесува дека тој во писмото порачал дека „против одредени етнички групи треба да се бори и дека нивните припадници треба да се убиваат“. Истовремено, весникот „Велт“ наведе дека Тобијас на видеоснимката и во писмото изнел и параноидни ставови, односно дека уште од раѓањето го следела неименувана тајна организација или дека во САД постојат подземни воени бази во кои се измачуваат и убиваат деца и во кои се обожава култот на ѓаволот.

– Ако сакате да го решите проблемот со странските криминалци, не би требало да напаѓате надворешни непријатели, туку да ги поразите внатрешните. А тоа може да биде и вашиот народ. Не се чистокрвни сите што денес имаат германски пасош, треба да се елиминира половина население – се наведува во манифестот на Тобијас Р.
По масакрот, кој ја шокира германската јавност, се огласи и канцеларката Меркел, која упати остри критики за расизмот и омразата во земјата.

– Има многу индикации во овој момент дека напаѓачот бил воден од екстремно десничарски, расистички мотиви, од омразата кон луѓето од различно потекло, религија или изглед. Расизмот е отров, омразата е отров, овој отров постои во општеството и е виновен за премногу злосторства – истакна шефицата на германската влада.

Во меѓувреме, германската полиција потврди дека најмалку петмина од убиените биле турски државјани. Поради тоа, со реакција се јави и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој побара од германските власти да го расчистат случајот.
– Очекувам германската влада да ги преземе сите неопходни мерки за да ги расчисти сите аспекти на нападот – порача Ердоган.